ВО ТАНЦ СО ЛАДАЛА И МЕЧОВИ ДРЕВНА КИНА ОЖИВЕА ВО МНТ

    ВО ТАНЦ СО ЛАДАЛА И МЕЧОВИ ДРЕВНА КИНА ОЖИВЕА ВО МНТТанцот во „Фен Мо“, или во превод „Кога сликата оживува“ е инспириран од естетиката на позната слика од сликар од династијата Танг (Фото: M. Златевска)

    Повеќе од триесетина разнобојни и различни костими носеа 35-те танчари од Академијата за танц во Пекинг, Кина, на синоќешната претстава „Фен Мо“ во Македонскиот народен театар (МНТ), како дел од Танц фест Скопје.

    Танцот во „Фен Мо“, или во превод „Кога сликата оживува“ е инспириран од естетиката на позната слика од сликар од династијата Танг (Фото: М. Златевска)

    Кореогарфот се повикува на мотото од книгата „Записи за сликарството од сите династии” од Јан Јуан Занг од Танг династијата (618-907), кое вели: „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“.

    Танчарите имаат розова боја на лицата, која е препознатлива за шминката на жените во древна Кина (Фото: M. Златевска)

    Потпретседателот на aкадемијата Џанг Цјанг ни рече дека во оригиналната поставка, премиерно изведена во 2009, играле 40 танчари. Но, за потребите на турнејата, поради патните трошоци, брoјката е намалена на триесетина учесници.

    Оригиналната сценографија ја сочинуваат 4 завеси, кои тежат 880 килограми, но на турнејата повеле само една, онаа која може да се здипли. Во сценографијата имаат и завеси од бамбусово дрво, кои ги користеле и како предна и задна основа за да може да се проектираат видеоелементите.

    Дизајнот на костимите е инспириран од разни кинески класични елементи (Фото: M. Златевска)

    Околу боите и дизајните на костимите, за кои тој вели дека ја знае само точната бројка на женскиот дел од ансамблот, 26 модели, додава дека не се од различни периоди, туку дизајнот е инспириран од разни кинески класични елементи.

    „Основните бои се црно и бело, но се прелеваат во сиво, во црвено, во меки нијанси. Нема никаква симболика во боите, можеби и значат нешто, но нам не ни беше тоа важно. Не е суштината во боите, нам ни е важна големата слика“, вели Цјанг.

    Во третата сцена е прикажана љубовна романса меѓу маж и жена кои играат со чадор и подавајќи си го чадорот си ги подаваат емоциите (Фото: M. Златевска)

    „Фен Мо“, вели Цјанг, е класична претстава која претставува повеќе кинески елементи. Движењата се инспирирани од кинеските боречки вештини, сликањето, калиграфијата и поезијата.

    Претставата ја сочинуваат пет слики : Будење, Течение, Инстинкт, Ослободување и Форма. Преку стилизирани елементи на перики, ракави, мечови, ладила, чадори и здолништа танчарите „насликаа“ емоции како страст, тага, љубов, кои се вкоренети во историската и во културната меморија на кинескиот народ.

    Повеќе од триесетина разнобојни и различни костими носеа 35-те танчари од Академијата за танц во Пекинг, Кина (Фото: M. Златевска)

    „Во суштина, нема приказна зад танцот во оваа претстава. Целта е да го доловиме чувството, како било во древна Кина. Има една сцена каде е прикажана врската меѓу духовите и оној кој ги бара духовите. Во третата сцена, имаме љубовна романса меѓу маж и жена кои играат со чадор и подавајќи си го чадорот си ги подаваат емоциите.

    Движењата во „Фен Мо“ се инспирирани од кинеските боречки вештини, сликањето, калиграфијата и поезијата (Фото: M. Златевска)

    Втората слика е посветена на кинеската женска елеганција. Танчарките одат на стилизирани и специјално изработени чевли со високи потпетици, затоа што кога одат на високо, тие го имитираат начинот на кој оделе древните жени, меко, полека и со ситни чекори.

    Кореографот низ движењата на танчарите ја оживува уникатната естетска форма на кинеското сликарство (Фото: M. Златевска)

    Во друга сцена пак, е прикажан кинески народен танц. Танчарите имаат розова боја на лицата, која е препознатлива за шминката на жените во древна Кина“, вели Цјанг.

    Танцовата академија од Пекинг е на 22-дневна турнеја во девет земји во Централна и Источна Европа.

    Во суштина нема приказна зад танцот во оваа претстава. Целта е да се долови чувството, како било во древна Кина (Фото: M. Златевска)

    Изминативе денови се претставија во Велес и во Скопје, каде публиката ги поздрави со искрени, долги овации и честитки.

    Следни настапи им се во Бугарија, Унгарија и во Полска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира