Наместо утре, жителите на тетовско Горно Маало денес го одбележуваат празникот Водици. Оваа традиција започнала во 1986 и до денес се одржува без прекин. За славење ден порано благослов добиле од тогашниот митрополит Кирил.
„Од кажување на моите дедовци, порано чинот на положувањето на крстот се одвивало во реката Пена која тече веднаш под црквата, но тоа во некој период престанало така да се одбележува. Во 1986 година, Црковниот одбор на црквата ‘Света Богородица’ одлучи во дворот на црквата да се изгради базен. Набрзо тој беше изграден со донација на нашиот иселеник од Америка Мишко Васовски и решивме да започнавме со одбележувањето на Водици и во нашата црква. Тогаш побаравме од владиката г. Кирил тој да присуствува на чинот на осветувањето на водите, но бидејќи на Водици тој беше премногу ангажиран, добивме од него дозвола крстот во базенот на црквата да го положуваме на Водокрст, ден пред Водици. Таа традиција ни остана сé до денес. Се сеќавам дека првата година имаше многу снег и уште повеќе луѓе кои беа дојдени на чествувањето. Јас бев првиот кој скокна по крстот и досега на двапати го имам фатено“, кажува Горан Хаџи-Иљоски – Чајка, жител на Горно Маало.
Годинава, литургија одржаа свештениците од Тетовско-гостиварската епархија, по крстот скокнаа тројца мажи, а го фати Нинослав Дамјановски.
„Досега четири пати сум скокал по крстот, а ова ми е вторпат како го фаќам и многу сум среќен и радосен поради ова“, вели Дамјановски.
З. АНДОНОВ