Командата за обука и доктрина на АРМ, која работи во велешкиот гарнизон „Алексо Демниески-Бауман“, на 15 април одбележа 30 години од формирањето. Тоа е ден кога првиот регрут пристапи во редовите на АРМ, иако велешанецот Панче Јамандиев влегол во касарната во Охрид на 13 април во 15:20 часот. Тој и новите регрути во првите години биле обучувани за граничари.
„Имам прекрасни сеќавања на април 1992. Резервистите во касарната ме пречекаа, на рамо ме носеа. Имав чест тој ден да ручам и вечерам со тогашниот капетан, а денес пензиониран генерал Рацај и со полковникот Хајба, инаку Словенец“, се присети Јамандиев.
Со задоволство ја покажува и воената книшка, во која е запишано дека воениот рок го служел од 13 април 1992 до 12 јануари следната година. Додека стигнале првите војнички колеги на 15 април вечерта, тој тренирал местење кревети и постелнина. Пред почетокот на обуката работел и на разгласот и тука, условно кажано, завршиле неговите привилегии како прв војник кој се јавил на отслужување воен рок во АРМ.
„Обуката која траеше 45 дена ја минав задолжен со рачен фрлач, а потоа добив прекоманда на караулата Преслап, Битолско. Чесно го отслужив долгот кон народот и државата, без ден отсуство. Во тоа време на Балканот вриеше. Беше тоа време кога многу мајки беа завиени во црно, а на север беснееше војна. Средбите со нелегалните минувачи на границата не беа реткост. Караулата беше на патека која се издигаше високо, чиниш до небото. Тука го засакав и шарпланинецот, мој нераздвоен соборец“, вели Јамандиев.
Такво куче доби пред неколку години од АРМ во спомен на тоа што е нејзиниот прв војник. Има добиено и „Златна значка“ од АРМ.
Тогаш 21-годишниот Јамандиев се јавил во гарнизонот во Охрид два дена порано од тоа што пишувало на поканата. На прашањето зошто, тој скромно додава „така требало да биде“.
Командата за обука и доктрина е центар за обука и создавање офицери, подофицери и професионални војници по НАТО стандардите. Низ програмите за обука, покрај регрутите од 1992 до 2006 година, поминаа и се обучуваа 39 генерации млади на доброволно служење воен рок. Освен македонските државјани, тука веќе неколку години се едуцираат и припадници на армиите на Косово, БиХ и Црна Гора. Во рамките на Командата е и воениот полигон Криволак.
П. ПЕЧКОВ