Секое утро од викендот, стари жени со побелена коса нетрпеливо се редат пред влезната врата на домот за стари лица во Дрезден, а штом го преминат прагот, наеднаш се враќаат речиси шест децении во нивното минато во комунистичката Источна Германија. Многумина од нив, од кои најмладата е 70-годишна, страдаат од сериозна деменција, но сцени од некогашното секојдневие поттикнуваат спомени, како и способности кои се сметаат дека тие ги имаат изгубено, истовремено постигнувајќи зачудувачки ефекти на среќа и удобност.
Ги паркираат своите помагала за одење до знакот „Кауфхале“, продавница за зеленчук од времето на поранешната Источна Германија, ги облекуваат разнобојните престилки од најлон и го започнуваат денот исто како што тоа би го правеле 50 години назад во времето. Сецкаат пиперки, домати и виршли за приготвување на познатата унгарска салата од нивната младост, ги мијат садовите во оригиналното метално лавабо од 1960-те, пеглаат облека со старите пегли со притисок, радосно потпевнувајќи сентиментални источно-германски мелодии кои се слушаат од грамофонот.
Навистина е незамислив фактот како пред само малку време тие не биле способни ни да јадат сами или пак да го користат тоалетот, вели Гантер Волфрам, директор на домот „Алекса“ во Дрезден.
„Од првиот ден од отворањето, оваа соба е голем успех. Луѓето се многу среќни кога ќе препознаат објекти од старите времиња. Веднаш им олеснува и се чувствуваат удобно“, вели Волфрам.
Волфрам, самиот 49-годишен, кој исто така пораснал во Источна Германија рече дека било проста случајност кога дознал дека комунистичкиот кич им создава удобност на 130-те жители на домот. Откровението му дојде пред две години кога тој одлучи да ја декорира собата за проекции на филмови во домот со сјаен винтаџ Трол скутер кој некогаш беше многу популарен во Источна Германија.
„Наместо да обрнат внимание на филмот, тие толку се возбудија за моторот. Наеднаш можеа да се сетат како да го запалат и зборуваа со очи полни со сјај за излегувањата на Балтичкото море со своите Троли. Беше прекрасно“, рече Волфрам.
Восхитен од оваа случка, Волфрам реши да декорира цела соба во домот во стилот на Источната Германија на 1960-те.
Го истражи пазарот за стари предмети на регионот и брзо собра импресивна колекција на познати „Оси“ – сленг за секој и секое нешто од поранешната Источна Германија. Најде детергенти и списанија од тоа време како и пластични соларници кои ги имаше секоја фамилија. Исто така, стигна да најде и дрвен ѕиден елемент, кој само најбогатите можеле да си го дозволат на времето. Откако сета декорација со помош на своите колеги ја имаше завршено, желните жители на домот почнаа да доаѓаат во многу голем број.
Поради оваа успешна идеја, листата на чекање за идните жители е преполна, а директори од други домови за стари лица постојана го бараат Волфрам за совети.
Многу брзо дневните екскурзии во минатото станаа толку популарни, што Волфрам додаде уште една соба, овој пат декорирана според стилот на 1970-те на Источна Германија.
Херлинд Мегес, геронтолог од берлинската универзитетска болница „Шарите“, која не била вклучена во проектот на домот „Алекса“, рече дека таква терапија на помнењето може да ја подобри состојбата на пациентите болни од деменција.
„Терапијата за помнење често се користи затоа што го активира тоа што е се уште здраво и добро функционира во мозокот“, рече Мегес.
„Многу е важно за овие лица, кои не се чувствуваат добро во сегашниот свет поради тоа што не се совпаѓа со нивното сегашно помнење, да постои средина која ќе им пружи удобност.“
Милиони стари лица околу светот страдаат од Алцхајмер и други форми на деменција преку кои ја губат способноста за интеракција со средината. Иако се уште не постои лек, истражувачки институции низ светот се обидуваат да најдат подобри начини за справување со оваа болест, со намерата да се одложи нејзината појава и да се подобри квалитетот на животот на пациентите.