ВРАТНИЦА Е ПРВО СЕЛО ШТО ИМА СВОЈА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА

    ВРАТНИЦА Е ПРВО СЕЛО ШТО ИМА СВОЈА ЕНЦИКЛОПЕДИЈАСтево Томоски ја напишал „Вратничка енциклопедија“, заедно со Душан Синадиноски, кој живее во САД (Фото: СДК.МК)

    „Вратница! Кољко звучи ова име гордо, мило, узвишено. Вратница! Преубава урбана населба. Село иљи град? Млого често прашане на кое нема сигурен и точан одговор. Појќе љичи на градска, откољко на селска населба. Свеедно, важно е што Вратница е убаа како ниедно друго место“.

    Вака започнува „Вратничка енциклопедија“, монументално дело на авторите од Вратница Душан Синадиноски и Стево Томоски, со што ова тетовско село стана можеби прво село кое си доби своја енциклопедија. Вратница е село во многувековна историја, со специфични традиција, говор и обичаи, печалбарско село од кое произлегле многу значајни личности.

    Енциклопедија е пишувана четири години, на карактеристичниот вратнички говор, кој е признат и од врвните македонски лингвисти како посебен дијалект на западномакедонскиот јазик и е познат како Вратничко-долнополошки говор (Фото: СДК.МК)

    „Вратница на двапати дошла до работ на целосно иселување и исчезнување и успеала повторно да изникне и да се прошири и зголеми. Во последниве десетина години, Вратница по третпат почнува да се празни и токму тоа беше она што нѐ натера, мене и мојот пријател и сосед Душан Синадиноски, кој сега е во САД, да ја напишеме оваа енциклопедија. Сакаме на овие помлади генерации да им ја пренесеме нашата долга и богата историја на постоење и опстојување, за да си ги знаат своите корени и да не дозволат да замре“, вели Томоски.

    Енциклопедијата е пишувана на карактеристичниот вратнички говор, кој е признат и од врвните македонски лингвисти како посебен дијалект на западномакедонскиот јазик и е познат како Вратничко-долнополошки говор.

    „Во оваа енциклопедија, по азбучен ред, се опфатени народни обичаи на вратничани, топоними, јадења, благослови, изреки, клетви, пцости, настани, легенди, како и стари вратнички зборови кои веќе не се употребуваат. Тука ги има биографиите на над 70 жители кои придонесле за афирмација на Вратница и на педесетина вратничани кои загинале во војните или биле жртви на терор“, додаде Томоски, кој ги објавил и книгите „Сеќавања“ посветена на ФК „Хајдук“ од Вратница и „Вратница 2001 година“.

    Во книгата е наведено дека Ѓеро Антов бил првиот вратничанец кој заминал во Америка, а во документот за престој стои дека дошол од Македонија (Фото: СДК.МК)

    Вратница е надалеку прочуено село чии жители меѓу првите се упатиле на печалба во САД. Според некои податоци, над 2.500 вратничани живеат во САД, од кои повеќето со генерации се таму. Меѓу нив е и вториот автор на оваа енциклопедија Душан Синадиноски, магистер по политичка филозофија, кој долго време работел во Пентагон и бил прв претседател на Македонската црква во Детроит.

    „Врските на Вратница со САД датираат уште од почетокот на минатиот век. Во енциклопедијата наведуваме дека Ѓеро (Ѓорѓи) Антов од Степановци бил првиот вратничанец кој заминал во Америка, во 1903 година, а во 1905 добил и официјален документ за престој. Интересно е тоа што во него, наместо Вратница, по грешка стои Кратница и дека Ѓеро доаѓа од Македонија, држава Турција, на што ние вратничани сме посебно горди. Ако во почетокот вратничани најчесто се населувале во Детриот и околината и главно работеле како пекари, сега тие се раштркани низ цела Америка“, вели Томоски.

    Книгата е пишувана четири години, а се надоврзала на работата на Душан Синадиноски, кој претходно почнал да ги собира топонимите за местата во Вратница. Посебно се внимавало на користењето на вратничкиот дијалект.

    „Вратница како населено место сигурно постоела многу порано од првиот пишан податок во кој се споменува селото, во турскиот попис од 1452-1455 година. Затоа во Енциклопедијата пишуваме за многу легенди поврзани со Вратница и нејзините жители, со околните места, цркви и други градби. Како убаво и богато село, често било на удар на зулумќари, арамии и разни војски, кои неретко правеле и големи злосторства врз непокорните вратничани. Во енциклопедијата имаме дадено посебен простор на вратничките жртви од војните и теророт од турско време, од албанскиот и бугарскиот терор што се вршени во Првата и Втората светска војна, па до денешно време. Тие жртви што ги дала Вратница не смееме да ги заборавиме и, еве, преку оваа енциклопедија им оддаваме почит. До скоро време беше речиси непознат податокот дека вратничани во Втората светска војна спасиле американски пилоти. За ова не знаеше ни тогашниот американски амбасадор во Македонија, Лоренс Батлер. Душан Синадиноски го запозна амбасадорот со овој податок, а САД подоцна направија спомен обележје во Вратница посветен на овој настан“, зборува Томоски, додавајќи дека ова што е напишано во енциклопедијата е само мал дел од долгата историја на Вратница.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира