ЗЕЛЕНКАСТИ ПАСТРМКИ И БОМБИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ГО ЧУВААТ ГОЛЕМОТО ЕЗЕРО НА ПЕЛИСТЕР

    ЗЕЛЕНКАСТИ ПАСТРМКИ И БОМБИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ГО ЧУВААТ ГОЛЕМОТО ЕЗЕРО НА ПЕЛИСТЕРНуркачкиот центар „Амфора” од Охрид ја изведе првата подетаљна експедиција на Големото Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Пастрмката успеала да преживее во екстремни зимски услови во Големо Езеро на врвот Пелистер на надморска височина од 2.218 метри, кое преку зима замрзнува. Ова се докажа со првата подетаљна експедиција на Езерото која нуркачкиот центар „Амфора” од Охрид ја спроведе за да се запознае пошироката јавност со содржината на овој мистичен воден простор.

    „Интересно е како пастрмката успеала да преживее и во екстремни зимски услови. Сме нуркале во разни езера, во некои има повеќе живот, во некои помалку. Колку помал процент на кислород содржи водата, пастрмките се изложени на поголем стрес. Всушност, ним им е потребна ладна вода богата со кислород за да се хранат и репродуцираат. Тие во Големото Езеро изгледаа ситни и неухранети и имаа зеленкаста нијанса“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Јован Секулоски, претседател на „Амфора“.

    Пастрмките во Големото Езеро изгледаа ситно и неухрането и имаа зеленкаста нијанса (Фото: Амфора)

    Низ Битола се раскажува дека Езерото пред повеќе од половина век го порибиле двајца функционери од градот, од кои еден пратеник, откако директорот на Националниот парк ги затекнал како кај Палиснопје печат риба уловена од Цапарска Река. Тогаш ветиле дека како надомест на штетата ќе го порибат Езерото на врвот.

    Нуркачите од експедицијата забележаа изобилство на микроорганизми – планктони во езерската вода. Видливоста беше ограничена на околу пет метри. Температурата на водата изнесуваше седум-осум Целзиусови степени.

    На дното на езерото се забележани гранати и бомби од Првата светска војна, ашови и друга воена опрема (Фото: Амфора)

    На дното, на длабочина од 14,5 метри, Големото Езеро сѐ уште чува траги од Првата светска војна, кога планината била прибежиште за воени трупи и место на битки.

    „На дното забележавме гранати и бомби од Првата светска војна, ашови и друга воена опрема. Од евидентираните бомби не е извадено ништо, за што се потребни процедура и одобрување од надлежна институција. Кој било предмет пронајден под водените површини припаѓа на државата и треба да се пријави во институција, особено ако се работи за неексплодирани средства“, вели Секулоски.

    Нема информации дали некој друг претходно нуркал таму, но од „Амфора“, кои извршија подводно снимање и фотографирање, велат дека не е исто да се нурка во глацијално и во друго езеро. Иако на прв поглед водениот базен изгледа плиток, нуркањето на високи надморски височини бара посебна подготовка.

    Експедицијата ја сочинуваа шестмина нуркачи (Фото: Амфора)

    „Како најголем проблем кај опремата, може да се јави смрзнување на првиот или вториот степен од регулаторот, па пред секое нуркање таа треба детаљно да се провери. Бидејќи нуркачите дишат гас под притисок, во креирањето на нуркачки профил се користат таблици за нуркање без декомпресија, кои се калибрирани за користење на ниво на море. Во случај со леднички езера, тие таблици мора да се рекалибрираат и да се формира специјален режим на нуркање за нуркачите секогаш да бидат во границите на сигурност“, велат од „Амфора“.

    „Амфора“ постои веќе 15 години. Експедицијата на Пелистер беше составена од нуркачите Јован Секулоски, Милутин Секулоски, Димитар Стојковски, Гоце Стојановски, Зоран Мирчевски и Борче Симоновски. Велат дека биле воодушевени од убавините на планината, а нуркањето во Големо Езеро било највозбудливо.

    За празникот Водици, нуркачите од „Амфора“ и од Клубот за подводни дејности „Охрид” го исчистија дното на градското пристаниште во Охрид.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира