ЗГАСНА ЕДИНСТВЕНАТА ФУРНА ВО ШТИП, ВО МИНАТИОТ ВЕК ГИ ИМАЛО 45

    ЗГАСНА ЕДИНСТВЕНАТА ФУРНА ВО ШТИП, ВО МИНАТИОТ ВЕК ГИ ИМАЛО 45Методи и Ристе Басарови ја продолжија семејната традиција во последните 23 години, но сега го оставаат Штип без најбараниот леб во градот

    Фурната „Басара“, која во последните 25 години беше единствената фурна во Штип, неодамна престана со работа. Со тоа целосно згасна фурнаџиството во Штип, откако во минатиот век имало 45 маалски фурни во градот.

    Басаровата фурна беше последната која му пркосеше на времето во Штип, кој важеше за град со најмногу фурни во Македонија. Ја возобновија браќата Методи и Ристе Басарови, кои во 1995 година, една година по смртта на нивниот татко Кирил и мајката Савка, одлучиле да ја продолжат старата семејна традиција. Но, неодамна, откако животниот пат ги одвел децата и внуците во Канада, САД и Англија, престанала да тлее и нивната вековна фурна.

    Басарови со години го правеа највкусниот леб во Штип. Беше меѓу поскапите, но, истовремено, и најквалитетен и со најголема грамажа. Се дистрибуираше во повеќе маркети и маалски продавници, но го немаа сите, затоа што фурната беше со ограничен капацитет. Квалитетот секојдневно се докажуваше со тоа што голем број граѓани во редици го чекаа лебот на Басара, испечен во фурна на дрва.

    „Најмногу внимававме на брашното и на стандардите за да направиме квалитетен леб. Се обидувавме да го има вкусот на ‘ројал лебот‘, каков што на времето го правел нашиот дедо Мане (1870-1963). Тој одел во повеќе европски градови да изучи како се прави царски леб, кој, исто така, бил мошне баран и купуван. Рецептот го зедовме од него. Децата ни заминаа преку океанот и ни беше јасно дека фурната нема вечно да пече. Можеби некој ден тие пак ќе ја возобноват“, вели Методи Басаров пред заминувањето во Англија.

    Искра надеж дека фурнаџиството во Штип нема за долго да згасне дава помладиот Ристе, кој вели дека со брат му начелно се договориле ако немаат многу обврски со внуците во странство, наесен повторно да ја отворат фурната, но не за леб, туку за нивната стара традиција – пастрмајлии.

    „Сакаме да ја фатиме зимската сезона, кога во Штип по традиција најмногу се јадат пастрмајлии“, вели Ристе.

    Пред десет години, наставникот во пензија Душко Стојанов напиша книга „Старите штипски фурни“. Според неговото истражување, Штип имал многу фурни, но само 45 биле вистински маалски фурни. Басаровата и фурната на Каната биле едни од најпознатите.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира