ЖИВЕЕШ ЛИ ПОДОБРО КОГА ЌЕ СЕ ИСЕЛИШ ОД МАКЕДОНИЈА, ИСТРАЖУВА НИНА  НИКОЛИЌ ВО НОВАТА ПРЕТСТАВА

    ЖИВЕЕШ ЛИ ПОДОБРО КОГА ЌЕ СЕ ИСЕЛИШ ОД МАКЕДОНИЈА, ИСТРАЖУВА НИНА  НИКОЛИЌ ВО НОВАТА ПРЕТСТАВАРежисерката Нина Николиќ со „Белградската трилогија“ сака да го отвори прашањето за причините поради кои младите луѓе заминуваат од Македонија, но и прашањето дали животот таму некаде станува подобар

    „Белградската трилогија“ е насловот на драма од Биљана Србљановиќ, која на сцената на Кино Култура ја режираше Нина Николиќ.  Со оваа претстава, режисерката сака да го отвори прашањето за причините поради кои младите луѓе заминуваат од Македонија, но и за прашањето дали животот таму некаде станува подобар.

    „Моето убедување е дека човек тешко може да биде среќен далеку од дома, од семејството, од пријателите, каде постојат поинакви правила на игра и каде се зборува јазик кој никогаш нема да го научите како мајчиниот. На пописот во 2002 година во Скопје се попишани 509.926 луѓе, а до 2013 година од Македонија си заминале 626.312 луѓе. За сликата да биде појасна, замислете си дека се иселиле 100.000 луѓе повеќе од она што претставува цело Скопје. Замислете го Скопје сосема празно и сликата веднаш ќе стане појасна. Да не зборуваме за тоа дека институциите не располагаат со точни бројки, а не се ни во состојба да определат колку луѓе живеат и работат во странство, а воопшто не го пријавиле иселувањето. Претпоставувам дека доколку се стекнеме со вистинските бројки сликата ќе стане уште пострашна“, вели Николиќ.

    Во „Белградската трилогија“ играат Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Петар Стојанов, Душица Тренева, Сара Анастасовска, Душица Настова и Сергеј Димовски, а Николиќ избра млади актери кои се сѐ уште студенти, бидејќи самата приказна го налага тоа

    Во претставата играат Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Петар Стојанов, Душица Тренева, Сара Анастасовска, Душица Настова и Сергеј Димовски. Овојпат Николиќ направи кастинг од исклучително млади актери, сѐ уште студенти, бидејќи самата приказна го налага тоа.

    „Белградска трилогија е драма за млади луѓе, а екипата која игра во претставата брои 7 млади актери кои сѐ уште студираат. Независно на возраста, оваа екипа успеа да создаде претстава која е професионална во секој поглед, а особено во поглед на начинот на игра“, вели Николиќ.

    Она што е карактеристично во нејзиниот режисерски ракурс е што не стравува да работи со анонимни актери, кои допрва треба да се докажуваат и фактот што има сенс да го препознаете талентот и да ги катапултира на сцената.

    „Убаво е да се работи со докажани глумци, ама среќата е уште поголема кога ќе се постигне исклучителен резултат со некој кој нема големо искуство на сцената. Младите глумци носат посебна енергија во проектите, зашто тие влегуваат со многу голема радост, посветеност и емоции во она што си го поставуваат како задача. А според мене, една претстава може да биде успешна само ако екипата има сила да верува и да се стреми кон невозможното“, вели Николиќ.

    Препознатлива е и по тоа што со години работи со иста или слична екипа актери,  Благој Веселинов ѝ е омилен актер, чиј талент го препозна уште од студентските денови, понатаму Дарја Ризова, Симона Спировска.

    „Благој, Дарја, Симона, Нина, Тина се луѓе кои не се само дел од моите проекти, туку и неизоставен дел од мојот живот, па така нивното учество во моите претстави претставува еден вид привилегија. Во секој случај, имам и други ‘омилени’ актери со кои никогаш не сум работела, а би сакала, на пример Сашко Коцев, Сашка Димитровска“, вели Николиќ.

    Најмногу сака да работи алтернативни проекти, независно дали потоа се играат во некој театар или не. Кога се работи ваков проект, како што вели и самата, „имате големи ограничувања, но и бескрајна слобода, особено кога станува збор за изборот на актери“.

    Николиќ има две дипломи в рака, една по француски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет и другата по театарска режија на Факултетот за драмски уметности, таму и магистрирала, а со оваа претстава го одбрани и својот докторат.

    „Со оваа ‘количина’ дипломи се стекнав сосема случајно, а не поради некоја претходно поставена цел. Започнав да студирам француски зашто во годината кога матурирав немаше упис за режија, откако се запишав на режија ми беше неприфатливо да не го завршам факултетот кој претходно почнав да го студирам. Се запишав на магистерски студии зашто сметав дека имам што да научам од професорите кои предаваа на таа програма: Мета Хочевар, Ангелина Атлагиќ, Горан Стефановски, Слободан Унковски, а докторирам зашто имав голема желба со студентите да испитувам еден пристап за глума на Харолд Гаскин“, вели Николиќ и додава: „Во потрага сум по воведување современ систем во начинот на работа. Систем кој ќе биде близок до она што се случува во светот и кој ќе ни овозможи достоинствено да се занимаваме со оваа професија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира