Во Скопје се одбележаа триесет години од отворањето на данскиот конзулат и по тој повод, генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов беше унапреден во Витез од прва класа на Редот на данското знаме.
Мукаетов од 2007 година е носител на функцијата генерален почесен конзул на Кралството Данска, што претходно, од јули 1994, ја извршуваше неговиот татко Трајче Мукаетов, на кого му беше доделена со декрет на данската кралица Маргарете Втора.
„Врските помеѓу Северна Македонија и Данска се изградени врз споделени вредности, заемни интереси и заеднички видокруг за збиднувањата во светот. Клучен аспект од нашата работа е да ѝ се помогне на земјата да напредува на својот пат кон ЕУ. Таа работа секако ќе ја продолжиме со новата Влада. Данска ќе го преземе претседавањето со Европската Унија во 2025 и проширувањето на ЕУ ќе биде важен елемент на нашето претседателство. Во сите ангажмани на Данска во Северна Македонија, Генералниот конзулат на Кралството Данска играше централна улога и тоа ќе продолжи да биде така“, истакна амбасадорката Сузане Шајн во своето обраќање по повод јубилејот.
Таа во името на данската влада му се заблагодари на Мукаетов за неговата умешна дипломатија, силна посветеност и беспрекорен професионализам како генерален конзул. Мукаетов во 2016 беше прогласен за Витез на Редот на данското знаме, што сега е унапредено во Витез од прва класа.
„Оваа голема чест беше едно од последните одликувања на кралицата Маргарете Втора пред нејзиното абдицирање во полза на нејзиниот син, кралот Фредерик“, рече Шајн.
Од јуни 2023, Мукаетов ја извршува и функцијата почесен конзул на Кралството Норвешка.