ЗЛЕТОВЦИ НАДДАВААТ И ДО 50 ЛИТРИ ВИНО ВО КЛАДБА ДАЛИ МЛАДОЖЕНЦИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО РЕКАТА ЗА ВОДИЦИ

    ЗЛЕТОВЦИ НАДДАВААТ И ДО 50 ЛИТРИ ВИНО ВО КЛАДБА ДАЛИ МЛАДОЖЕНЦИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО РЕКАТА ЗА ВОДИЦИЕдно од последните одбележувања на Водици и влегувањето во студените води на реката Злетовица. (Фото: СДК.МК)

    Злетовци од памтивек имаат невообичаена традиција да се кладат и со наддавање на вино да типуваат дали некој од пресните младоженци ќе влезе во студените води на реката Злетовица за Водици. Во Злетово со векови го има овој обичај за празникот Богојавление, кога во Злетовица влегуваат само младоженците кои стапиле во брак меѓу двата празника. Останатите можат да влезат само по нивното излегување од реката.

    Тоа правило го почитуваат жителите во Злетово и на 19 јануари во селото доаѓаат сите кои живеат во Македонија или некаде во светот.

    Посебни доживувања за овој обичај има и поранешниот новинар во Радио Пробиштип, сега пензионер, злетовецот Благој Игнатовски, кој во реката за празникот Водици влегол во 1979. Вели, се мислел дали да влезе затоа што имал температура и воспалени крајници, но се се решил и наредниот ден воспалението и температурата поминале. Игнатовски вели дека во старо време имало фрлање на крстот во реката, но кога тој бил пресен младоженец не се фрлал крст, туку младоженците на 19 јануари уште рано наутро дури и пред изграјсонце влегувале во реката. Тоа било гордост и за родителите, а за младоженците значело здравје, па досега во Злетово не се памети некој да се разболел. Таа традиција пред насобраниот народ покрај реката Злетовица продолжила и во времето кога се вратил обичајот на фрлање на светиот крст во Злетовица.

    „Јас како младоженец од 1978 година, наредната година за Водици бев во Штип и сите роднини, другари и пријатели во Злетово мислеле дека нема да се вратам и да влезам во Злетовица. Додека мене ме чекале и мислеле дека се плашам ја направиле старинската кладба, па со наддавање на вино типувале за мене. Некои од другарите дале 20, некои 30 литри, а имало и такви кои дошле до 50 литри вино дека нема да се појавам во Злетовица. Кога на крајот виделе дека сум кај реката, губитникот на 50 литри вино ја дал кладбата на другарите па тој ден и во наредните празнични денови заедно го пиеле виното“, вели Игнатовски.

    Традицијата ја продолжиле и неговите двајца синови кои како моладоженци во 2018 заедно влегле во Злетовица. Непишаното правило оддамнина било младоженците што за Водици ќе влезат во реката да се родени во Злетово или да потекнуваат од ова место.

    „Секоја година има по 5-6 или повеќе младоженци кои го почитуваат обичајот и влегуваат во реката. Така е и оваа година но до последен момент, со оглед на старата кладба, нема да се знае колку младоженци ќе влезат во Злетовица, а и поради тоа што речиси сите живеат во Скопје“, вели протереј Владо Мајсторски.

    По една година пауза поради пандемијата, Архиерејскиот синод одлучил годинава да продолжи верското одбележување на Богојавление и фрлањето на крстот во реките и езерата во земјава. Општините во Источна Македонија најавуваат дека тие ја подржале иницијативата за продолжување на традицијата и веќе ја дале логистичката поддршка за уредување на местата каде ќе се одржат литургиите за празникот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира