Островот Голем Град, распослан во сината вода на Преспанското Езеро на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција, е уникатен дом на змиите, желките и птиците.
Тргнавме од Преспа, а нашите домаќини Лазе Ужановски, одговорен на Реон на преспанска страна и Дејан Димиџиевски соработник за животински видови во Одделението за заштита на природата во Националниот парк „Галичица“, ни дадоа упатства за безбедно движење низ островот. Кажаа дека на Голем Град, единствениот остров во државата кога станува збор за природните езера, има строго определени патеки по кои треба да се движиме низ ретко сочуваната природа.
До селото Стење стигнавме по копнен пат, а оттаму со чамец се упативме кон островот. На нешто повеќе од 15 минути возење се појавува глетка која остава без здив. Копно препознатливо по уникатната и атрактивна природа опколено со вода, недопрена и мистична природа. Возбудата не престанува. Пеликаните кои од вода се издигнуваат над езерската шир ја прават глетката возвишена.
Островот Голем Град се простира на површина од 20 хектари и се наоѓа на околу 2 километра од брегот на езерото односно од таканаречената Пречна Планина, дел од планината Галичица. Има елипсовидна форма со должина 750 метри, а широк е 450 метри, со највисок дел од 50 метри над езерото. Од сите страни тој е заобиколен со карпи високи од 20 до 30 метри.
„Островот Голем Град е дел од Националниот парк ‘Галичица’ и е строго заштитена зона поради природните и културните вредности кои тој ги поседува. Карактеристично за него е шумата со дива фоја чиј хабитат се наоѓа на анекс еден од Директивата за живеалишта на натура 2000 на Европската унија“, вели Димиџиевски.
На белиот карпест брег забележавме посетители, претежно странци кои тука дошле да ја истражуваат реткоста на овој остров кој е вистински избор за авантуристи кои трагаат по нешто ново и снимаат документарци за дивиот свет ширум светот.
„Јас правам документарци за дивиот свет. Ова е едно од посебните места кои сум ги посетил, а сум бил на многу места низ светот. И да, тука сме да ги снимаме змиите. Овде сме веќе две недели, сакаме да направиме неверојатни снимки од змиите особено водените змии кои ловат околу брегот, и што е важно и убаво ги има навистина многу овде. На секој чекор може да видите змија“, вели снимател на документарци од Германија.
Стигнавме на копното со недопрена убавина. Тука сè е како што создала природата. Човечка рака нема ништо допрено. Глетката на ова место е уникатна, а преовладува дрвото фоја. Стеблата се подебели и повисоки од останатите дрва и токму поради тоа ја презеле доминацијата на дивата природа.
Знаевме дека Островот Голем Град е познат како „Змискиот остров“ поради големиот број змии, но, не можевме ни да претпоставиме какво е чувството да се биде толку блиску до нив, да се движиш заедно со нив по иста патека.
На островот има два вида на змии. Во карпите до водата живее змијата рибарка, која не е отровна. Во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок.
„Тука се застапени змијата рибарка која во минатото ја имало во многу поголема популација, но за жал, поради интензивното риболовење околу островот и поставувањето рибарски мрежи таа популација е во голем дел намалена. На островот Голем Град се наоѓа и популацијата на поскок и при мониторинг забележани се околу 2.000 единки, што е една од најгустите популации. Карактеристично за овој вид е тоа што единките на Голем Град се помали споредено со единките на копнениот дел на нашата земја. Рибарките, пак, поради големиот фонд на храна, пред сѐ на риби во Преспанското Езеро, достигнуваат до два метра должина и се многу подолги од оние на копнениот дел“, вели Димиџиевски.
Се движевме по патеките на кои има поставено информативни табли за да водат до најзначајните места на островот. Забележливо е огромно присуство на птици и желки.
„Островот е птичји рај. На Преспанското Езеро има 30 осто од вкупната популација на кадровиот пеликан во светски рамки, односно околу 1.500 парови. Тие се гнездат во грчкиот дел од Преспанското Езеро, но во летниот период тие се присутни и на македонската страна од езерото, посебно околу островот Голем Град, каде можат да се забележат и до 1.000 единки. На островот се гнезди и колонијата од голем корморан на шумите со дива фоја“ , ни рекоа домаќините од „Галичица“.
Во минатото островот бил населен и оттука го добил името Голем Град. Последниот жител бил отец Калист од Србија, кој во 1936 го напуштил островот. За животот тука сведочат остатоците од живеалишта, цркви и некрополи. Денеска единствено е сочувана црквата „Свети Петар“ опколена со зеленило, а во близина се наоѓа мал манастирски конак каде во 19. век живееле монаси. Најстарата цврста архитектура на островот потекнува од пред 2200 години, додека најстарите гробови на жителите на островот се уште постари, од пред 2500 години.
Откриени се седум цркви, а се смета дека постоеле 12. Токму затоа се нарекува и Светиот Град. Меѓу пронајдените цркви, особено е интересна онаа која била подигната и живописана во 15. век врз темели од римска цистерна за вода.
„Преку 2000 години тука имало интензивен живот, најмногу во 4 век и во 14 век од нашата ера. Имаме остатоци на голем дел од цркви и ранохристијански базилики кои датираат од 4 и 5 век, римски куќи. На ова подрачје во тој период живеело горномакедонското племе Орести и изградена е една цистерна која служела за акумулација на водата од островот. Во 14 век се изградени неколку цркви, меѓу кои и црквата ‘Свети Петар и Свети Димитрија’ за кои се претпоставува дека се градени од истите мајстори“, кажува Димиџиевски.
Од 2008 се врши истражување на популациите на змии и желки на Голем Град од тим од научници од Македонија, Србија и Франција. Според досегашните податоци, популацијата на желки достигнуваат до 2.000 на само 20 хектари колку што има островот, односно има 100 желки на еден хектар. На една женка има околу 15 мажјаци па поради ваквиот сооднос, и покрај густината, популацијата не е одржлива на долг период.
Националниот парк „Галичица“ од 2010 спроведува и редовен мониторинг на колонијата голем корморан. Се обележуваат стеблата на кои има гнезда со корморани и се утврдува дали нивната популација се зголемува или намалува. Во последните 3-4 години забележани биле и гнезда на сива чапја. Во 2020 имало 120 такви гнезда, а минатата година тој број бил преполовен. Оваа година за првпат се изброиле и 150 гнезда од жолтоногиот галеб.
На крајот на денот по истите патеки се спуштивме до брегот. Нашите домаќини Лазе и Дејан ни најавија дека оваа година ќе се обноват знаците низ островот, за да се обезбеди поголема видливост на патеките кои прилично беа обраснати од бујната вегетација.
Ги оставивме птиците, змиите и желките во нивниот прекрасен див свет, а ние заминавме исполнети со несекојдневни впечатоци од она што го видовме и доживеавме на островот, бисерот на Преспа исполнет со мир и ретка убавина.
С. ВРЕНЦОВСКА