Млади иноватори на возраст од 13 до 19 години добија по 120,000 денари за реализација на нивните решенија за намалување на загаденоста на воздухот во и околу училиштата за време на хакатонот организиран од CEED-Hub, со поддршка од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ.
Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава, кажа дека „УПШИФТ“ е важен за младите од три причини.
„Прво им овозможува да соработуваат за да изнајдат иновативни решенија за справување со загаденоста на воздухот што е голем проблем во земјата. Потоа учат нови вештини за решавање проблеми, комуникација, иновативно размислување, претприемништво. Ова им овозможува да сфатат каква моќ имаат за промена на некои од горливите предизвици во општеството”, рече Перкс.
Ова е втор циклус на програмата „УПШИФТ“, која е прва од овој вид во Македонија. Тоа е комбинација од работилници за социјални иновации со менторство и обезбедување материјали и финансиска поддршка, и им овозможува на младите луѓе да стекнат вештини за претприемништво.
„Оваа програма е отскочна штица за младите луѓе за тие активно да се вклучат, да покажат дека секој проблем може да се реши. Со тоа, тие ќе ги инспирираат и институциите повеќе да се ангажираат за намалување на загадувањето и секако за подобра иднина на сите”, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Од УНИЦЕФ велат дека на тридневниот хакатон за „изнаоѓање решенија”, 10 тима од Скопје, Тетово, Струга, Виница, Валандово, Кочани и Велес работеа со страст за да ги разработат своите решенија за намалување на загаденоста на воздухот во и околу училиштата.
„Нивните решенија беа од одгледување ”зелен ѕид“ во близина на училишната ограда, намалување на прашината и чистење на воздухот, преку надградба на старите компјутери, подобрување на квалитетот на воздухот со свеќи направени од пчелин восок, зголемена употреба на соларна енергија, промена на однесувањето и поттикнување на адолесцентите на осмислен ангажман во заедниците“, велат од УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ и Фондот за иновации и технолошки развој ќе поддржат спроведување на уште еден УПШИФТ циклус во 2019 год.
„Целта е на долг рок да се поддржат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование да ја воведат УПШИФТ методологијата во редовниот образовен систем и да им се овозможи на наставниците да применуваат докажани и практични техники во наставата, кои ќе му помогнат на секој ученик да се здобие со вештини за 21 век“, велат од УНИЦЕФ.