Тринаесетгодишно девојче, жртва на трговија со присилен брак, е спасено од полицијата да не биде пренесено во Белгија за сексуални услуги, при што биле уапсени родителите и 40-годишниот „сопруг”, нејзин макро, белгиски државјанин.
Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи, донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица. Со преземените дејствија постои основано сомнение дека обвинетите сториле кривично дело Трговија со дете по чл. 418-г од Кривичниот законик. Денеска, со одлука на судија на претходна постапка, тројцата добија притвор.
Девојчето и пет мали браќа и сестри се згрижени од центрите за социјална работа.
Во втората половина на 2021, осомничениот белгиски државјанин, со цел да користи сексуални услуги од дете, на интернет во Белгија истражувал за деца до кои лесно може да пристапи. За да го оствари својот план, ја избрал Македонија. Се поврзал со македонски државјанин, кој, пак, го поврзал со останатите двајца осомничени, родители на шест малолетни деца.
Белгиецот повеќепати доаѓал преку аеродромот „Скопје“, каде што го пречекувале родителите и нивните малолетни деца. Тие ја договориле продажбата на својата 13-годишна ќерка буквално за авионски карти за Белгија.
„Со цел да се стекнат со материјална корист и да заминат за Белгија, тие се согласиле за паричен надомест да му овозможат на првоосомничениот да користи сексуални услуги врз 13-годишната ќерка, а потоа и да склучи брак со неа. За таа цел, злоупотребувајќи ја својата положба како родители на малолетната жртва, му дозволиле на првоосомничениот да престојува заедно со нив во куќата во која живеело семејството. Тој манипулирал со девојчето дека го сака и ѝ подарил златен накит, бурма и ланче, а на родителите им давал пари за потребите на семејството. Родителите секојдневно му помагале на првоосомничениот, со крајна цел да го однесе малолетното дете во Белгија, каде што наводно ќе стапел во брак со неа и му овозможиле да создаде врска на доверба и емоционална близина со девојчето. Злоупотребувајќи ја нејзината доверба, првоосомничениот остварувал полови дејствија со девојчето до 16 мај 2022, кога полициските службеници го откриле настанот”, се потресните факти кои денеска ги објавија МВР и Обвинителството за организиран криминал.
За кривичните дела што им се ставаат на товар на осомничените родители предвидени се високи казни затвор во траење од најмалку десет, односно 14 години за белгискиот државјанин.
С. К. ДЕЛЕВСКА