15.000 ДЕЦА ВО СКОПЈЕ НЕВАКЦИНИРАНИ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ЗАРАЗЕНО УШТЕ ЕДНО ДЕТЕ ОД ГРАДИНКАТА ВО РАДИШАНИ

    15.000 ДЕЦА ВО СКОПЈЕ НЕВАКЦИНИРАНИ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ЗАРАЗЕНО УШТЕ ЕДНО ДЕТЕ ОД ГРАДИНКАТА ВО РАДИШАНИОд 60 деца кои ја посетувале градинката во Радишани и кои биле повикани на вакцинација, во пунктовите за имунизација се јавлие само 12 (Фото:СДК.МК)

    Од 104.000 деца во Скопје 15.000 деца немаат примено вакцина против морбили, рубеола и паротит (МРП), покажала контрола на Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, откако мината недела во детската градинка во Радишани беа дијагностицирани четири деца со морбили и беше прогласена епидемија во оваа населба. Покрај децата морбили беа дијагностицирани и кај еден возрасен. Оваа недела симптоми на морбили покажало уште едно дете од истата градинка, кое е роднински поврзано со едно од заболените деца.

    Д-р Владимир Микиќ, од Институтот за јавно здравје, вели дека од вкупно 104.000 деца во Скопје 39.000 се во претшколска возраст, а од нив 11.256 не се вакцинирани против морбили. Од 65.800 деца кои одат во основно училиште, односно се до 14 годишна возраст невакцинирани се 3.728, или 5.7 отсто.

    „Од децата родени 2017 година во Скопје 53 отсто не се вакцинирани со МРП вакцината, односно дека од 7.347 вакцина не примиле 3.920 деца. Во случајов најкритични се токму помалите деца, бидејќи поради антивакциналните кампањи родителите се плашат да ги вакцинираат. Просекот во Скопје сега е 71 отсто и е нешто подобра од лани, но овде бројот го креваат школските деца“, вели д-р Микиќ.

    Според него ова е високо заразно заболување, кое брзо се шири и кое може да има тешки последици по здравјето и животот на заболените.

    „Статистиката е груба, така во Србија од 5.700 заболени од морбили во епидемијата што почна лани, починаа 15 лица“, вели д-р Микиќ.

    Тој потенцираше дека кај 9 од 10 лица, кои биле во контакт со заболено лице, постојат сериозни услови за ширење епидемијата во Скопје и во останатите градови во државата.

    „Во текот на вчерашниот ден е регистрирано уште едно дете од истата предучилишна установа во Радишани со клиничка слика на морбили, за кое се чека лабораториска потврда. Сите лица се во добра здравствен состојба и во фаза на заздравување. Центарот за јавно здравје преку своите епидемиолошки тимови спроведува соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, согласно заклучоците на Националната комисија за заразни болести при Министерството за здравство“, рече д-р Билјана Данаиловска од Центар за јавно здравје-Скопје.

    Таа кажа дека опфатот со прва доза МРП вакцина за предучилишни деца е најнизок во општините: Центар, Карпош и Аеродром, во кои речиси половина од децата се невакцинирани, додека пак, висок процент на вакцинација со МРП вакцина се бележи во општина Сопиште каде сите се вакцинирани и Шуто Оризари, каде невакцинирани се 9,07 отсто од децата.

    „Загрижува податокот дека невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 20 отсто од децата во прво одделение“, вели д-р Данаиловска.

    Д-р Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација при Министерство за здравство информираше дека веќе се одржани две работни средби на работна група, формирана од министерот за здравство, со претставници од МЗ, МТСП и ДСЗИ, со цел разгледување на можностите во законската регулатива за правото на заштита на децата од заразни заболувања, со цел соодветна имунизација и нивна навремена заштитени.

    „Препорака од работната група е во следниот период превентивни здравствени тимови да ги посетат предучилишни установи и училиштата, имајќи предвид дека најголем дел од родителите имаат прашања и дилеми во однос на вакцинацијата“, рече д-р Грозданова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира