Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски вели дека за секој настрадан во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе биде доделена итна финансиска помош во износ од 150 илјади денари која што ќе се реализира преку Црвениот крст.
Томовски рече дека СОЗР и надлежните институции работат на организирање на логистичка поддршка за сместување и транспорт на настраданите и нивните семејства.
Владата ќе ги покрие трошоците за престој на најблиските на пациентите кои се лекуваат во странство. За секој повреден, предвидена е поддршка за по две лица од семејството. Како што претходно беше соопштено од министерот Тимчо Муцунски, и Томовски потврди дека трошоците за лекување на пациентите во странство ги покрива државата во која се лекуваат, додека трошоците за пат и сместување на семејствата се на товар на Владата.
„Досега, 188 лица се згрижени и сместени. Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150.000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија“, рече Томовски на денешната прес-конференција во Владата.
На прашањето кога и како семејствата ќе почнат да ја добиваат помошта од донации од сметката на Црвениот крст, на која досега се собрани 51 милион денари, Томовски одговори дека кон исплата ќе се пристапи од понеделник. Како што рече, се прават законски подготовки со оглед дека трансакциските сметки подлежат на заштита на лични податоци.
„Во моментов се собираат тие трансакциски сметки од лицата кои се во странство и нивните согласности, преку логистика на МНРНТ односно амбасадите и конзуларните претставништа, и од понеделник Црвениот крст ќе пристапи кон исплата на средствата“, додаде директорот на СОЗР.