Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска од Охрид изјави дека спроведените евалуации на високообразовните институции во земјата покажале неправилности во работењето кај дел од нив. Поради тоа, како што рече, ќе следува одземање на акредитации и затворање на институциите што нема да ги отстранат недостатоците во законски предвидениот рок.
Одговарајќи на прашања на новинарите, Јаневска рече дека сега активно функционира Агенцијата за квалитет на високото образование, која заедно со странски експерти ги спроведува евалуациите на работењето на образовните институции.
Како што кажа, досега се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа, а во тек е постапка за затворање на уште пет до шест институти. Дополнително, се спроведуваат проверки и мониторинг на најмалку пет универзитети.
Јаневска додаде дека Министерството постапува по пријави од поединци и групи наставници и дека сите активности се спроведуваат согласно законските процедури. Таа вели дека на институциите им се остава можност да ги отстранат утврдените неправилности пред да бидат преземени конечни мерки.
Министерката денеска беше на увид во градежните активности за реконструкција на средното училиште „Свети Климент Охридски“ во Охрид, заедно со премиерот Христијан Мицкоски.



