2.500 ФИРМИ НЕ ИМ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТА НА РАБОТНИЦИТЕ ЗА АВГУСТ И СЕПТЕМВРИ

    2.500 ФИРМИ НЕ ИМ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТА НА РАБОТНИЦИТЕ ЗА АВГУСТ И СЕПТЕМВРИЗа сите оние работодавачи кај кои нема да бидат евидентирани уплати по доставените опомени се врши присилна наплата од парични средства (блокади) до деловните банки. (Фото: К. Попов)

    Во земјава 2.483 фирми воопшто не им исплатиле плата на работниците за месеците август и септември, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.

    Според податоците кои ги доби редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК, за август 2022 вкупно 4.970 работодавачи имаат неплатени, неподнесени и неприфатени месечни пресметки за интегрирана плата (МПИН) за вкупно 8.297 вработени, додека 2.899 работодавачи за 6.365 работници поднеле, но не ги платиле МПИН пресметките.

    За септември, пак, вкупно 5.904 работодавачи имаат неплатени, неподнесени и неприфатени МПИН пресметки за вкупно 14.478 вработени. За истиот месец, 10.732 работодавачи не поднеле и не платиле МПИН за 40.973 работници.

    „За август и септември 2.483 фирми воопшто не исплатиле плата. За неисплатени МПИН пресметки Управата за јавни приходи спроведува мерки за присилна наплата согласно своите законски овластувања регулирани во Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување и Законот за даночна постапка, односно, доставува опомени за плаќање на долгот по основ на МПИН“, велат од Управата за јавни приходи.

    За сите оние работодавачи кај кои нема да бидат евидентирани уплати по доставените опомени се врши присилна наплата од парични средства (блокади) до деловните банки согласно член 142 од Закон за даночна постапка.

    Минатиот четврток, вработените во ЈСП Скопје протестираа и градот остана без јавен превоз откако платата им доцнеше четири дена. Протестот траеше нецел ден бидејќи Градот обезбеди плата со пренамена на средства од буџетот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира