20 ЈАНУАРИ Е КРАЕН РОК ЗА ИСПРАЌАЊЕ НА ПРЕДЛОЗИТЕ ЗА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

    20 ЈАНУАРИ Е КРАЕН РОК ЗА ИСПРАЌАЊЕ НА ПРЕДЛОЗИТЕ ЗА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕНа презентацијатата на нацрт-верзијата со членовите на работната група. (Фото: МОН)

    Наставниците, професорите, експертите по сите области може до 20 јануари да испраќаат свои коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на Нацрт-верзијата за концепцијата за основното образование, вели Министерството за образование и наука (МОН).

    Сите предлози може да се испратат на електронската адреса [email protected]. Нацрт-верзијата, која деновиве ја презентираше министерката Мила Царовска заедно со работната група од Бирото за развој на образованието и повеќе професори и педагози, на сајтот на МОН е достапна на пет јазици: македонски јазик, албански, турски, босански и на српски јазик.

    Изминатиов период има секојдневни реакции за тоа кој ќе биде вклучен во подготвувањето на концептот, и министерката ги повика сите да се пријават на јавниот конкурс.

    Царовска вели дека во септември би стартувал новиот концепт со интегрирани предмети во основното образование, и тоа со учениците од прво и од шесто одделение. Сукцесивно ќе се продолжува во останатите одделенија и би требало во период од 5 години целосно да се промени образовниот систем. Таа повторува дека со новата концепција наставниците ќе продолжат да си ги предаваат предметите за коишто и претходно држеле настава и дека ниту еден наставник нема да ја изгуби работата.

    „Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија. Се разбира дека ќе бидат потребни нови учебници. Нам и сега ни требаат нови учебници, а не пак со нов концепт на образование. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. Во буџетот на државата има пари за нови учебници. Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискуснитепрофесори. Обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми“, вели Царовска.

    Меѓу новините кои се воведуваат е задолжителен престој на учениците во училиште и тоа 5 саати од прво до петто одделение (3-3,5 саати во настава) и 6 саати од шесто до деветто одделение (4-4,5 саати во настава). Шест саати ќе биде задолжителен престој на наставниците во училиште.

    Ќе има девет задолжителни предмети, а новина е дека ќе бираат меѓу втор странски јазик и албански јазик.

    „Изборните предмети се поделени во 4 категории, како на пример за математичко/логичко резонирање, сексуално образование, јога, пилатес, готвење, градинарство, фотографија. Сега родителите плаќаат приватни часови за тие активности. Со новиот концепт, такви активности децата ќе имаат во училиштата“,  вели професорката Виолета Петровска-Бешка која е дел од работната група на концепцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира