209 ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ, ОД НИВ 113 ПОСЛЕДНИТЕ 10 ДЕНА

    209 ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ, ОД НИВ 113 ПОСЛЕДНИТЕ 10 ДЕНАНајмногу починати во еден ден имаше завчера - 22. - Починати дневно во последните 30 дена (Фото: СДК.МК)

    Изминатите 30 дена починаа 209 лица од ковид-19, а од нив 113 во последните 10 дена, кога и првпат почнаа да се бележат двоцифрени бројки на починати од почетокот на епидемијата во земјава. Бројката на вкупно починати за месец дена се искачи од 725 на 934, колку што беа регистрирани заклучно со вчера. Најмногу починати во еден ден имаше во неделата 25 октомври – 22.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека огромен процент од починатите пациенти , над 85 отсто имале тешка форма на некоја друга хронична болест, како и дека голем дел многу доцна доаѓаат во болница.

    Според последните бројки од Министерството за здравство, објавени вчера попладне, во моментов хоспитализирани се вкупно 622 пациенти позитивни или суспектни на ковид-19.

    Филипче кажа дека веќе се сместуваат пациенти во модуларната болница која се наоѓа до Инфективната клиника во Скопје, но за брзо време и таа ќе се наполни. Во Козле има 40 кревети, а најави и дека брзо ќе се оспособат две одделенија во Градската општа болница „8 Септември“, со што, како што рече, „не би се загрозиле останатите одделенија и пациенти во болницата“.

    Пациенти од Куманово се праќаат во Скопје. Во Струмица до крајот на неделава ќе биде отворен нов крак со што ќе се отвори место за нови 100 лица. Во Битола се прилагодува интерното одделение, бидејќи останатите капацитети се исполнети. Во Охрид, исто така, се менаџира со интерното одделение. Во Гостивар забележан е поголем испис на пациенти и моментално одделението е полупразно. Во Тетово има 100 слободни кревети.

    Заклучно со вчера, активни случаи се 7.317, од кои речиси половината – 3.490 се во Скопје.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира