Државна помош побарале 236 компании за развој на бизнисот, односно толку апликации пристигнале на конкурсот на Фондот за иновативност. Од нив 208 понудиле план за развој на иновативни идеи, а сите заедно побарале државна помош од вкупно 33 милиони евра. Во апликациите кажале дека се подготвени сами да инвестираат 19 милиони евра. Најголем дел од компаниите кои се јавиле на конкурсот се мали и микро претпријатија, а пет отсто од апликациите се од големите фирми.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски кажа дека компаниите кои се јавиле на овој прв повик за државна помош ги надминал нивните очекувања, бидејќи тие побарале средства за 11 пати повеќе од оние што биле планирани за овој повик, како и три пати повеќе од вкупните средства планирани за помош на компаниите.
„Најмногу апликации и тоа во делот на иновативноста има од ИТ секторот, односно 30 отсто од апликантите се од ИТ секторот, но има и апликации од технологијата, енергетиката, машинството, што значи дека нови и иновативни идеи има и во другите сектори. Од сите компании што аплицираа 60 отсто се од Скопје, а останатите се од другите места во земјата. Тоа значи дека следниот пат треба да направиме програма која ќе нуди порамномерен економски развој“, рече Депотовски.
Тој кажа дека утре ќе почне процесот на претселекција на пристигнатите апликации, која ќе ја спроведат надворешни стручни лица, кои минатата недела биле на обука околу критериумите за избор на компаниите кои ќе добијат државна помош. Меѓу критериумите со кои ќе се оценува која компанија ќе добие државна помош се и моменталната состојба на пазарот, капацитетот на тимот, самата идеја, технолошката подготвеност на компанијата.
По завршување на претселекција група од странски експерти ќе направи потесна селекција. Во Фондот за иновации се надеваат дека првите договори со компаниите за државна помош ќе бидат склучени во текот на јули, а Деспотовски кажа дека најверојатно ќе бараат и дополнителни средства од Владата за реализација на програмата.
„Дали сите што аплицирале ќе добијат државна помош не знаеме, но заедно со директорот Деспотовски сакаме да покриеме колку што е можно повеќе барања, бидејќи младите и иновативни луѓе се иднината на македонската економија“, кажа вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Следниот повик од Фондот за иновации и технолошки развој за доделување парична помош за компаниите ќе биде во септември.