На Клиниката за урологија во тек е трансплатација на бубрег од 28-годишен починат донор, а примател е 22-годишно момче. Како што соопшти Министерството за здравство, се работи за донор со исклучително ретка крвна група за која има мал број на приматели на органи на Националната листа за трансплантација и за овие пациенти ова е единствена шанса за живот.
28-годишното момче е од Битола, кое почина по повреди стекнати во сообраќајна несреќа, а чие семејство несебично се согласи да ги донира органите. Битолчани на социјалните мрежи пишуваат дека вака продолжуваат да живеат хероите.
Експлантацијата на бубрег и коскени ткива од починатиот донор била извршена ноќеска со тимовите на д-р Сотир Ставридис и д-р Александар Трајковски, а утрово почна трансплантацијата под раководство на д-р Сашо Дохчев.
„Семејството несебично се согласи да ги донира органите. Благодарение на нивната хуманост, утрово еден бубрег се трансплантира кај-22 годишно момче. Коскените ткива ќе бидат обработени и спремни за трансплантација во наредните денови. Голема благодарност до медицинските тимови кои учествуваа во експлантацијата и до семејството на донорот кои ни покажаа што значи хуманост“, велат од Министерството.
Почнувајќи од мај 2020 до сега извршени се експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрега, 1 коскено ткиво.
Последната трансплатација се случи на 25 август, по што националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска изјави: „Поблагороден чин немаме видено. Кога на фамилиите им кажуваме дека се работи за мозочна смрт, тие знаат дека ,кога е сѐ направено, останува дел од нивниот близок да живее во друго тело“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА