29 ХИВ ПОЗИТИВНИ ЗА 1 ГОДИНА И 6 ПОЧИНАТИ, ДА НЕ СЕ ЗАНЕМАРАТ НА СМЕТКА НА КОВИД-19, АПЕЛИРА ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗАЕДНО ПОСИЛНИ“

    29 ХИВ ПОЗИТИВНИ ЗА 1 ГОДИНА И 6 ПОЧИНАТИ, ДА НЕ СЕ ЗАНЕМАРАТ НА СМЕТКА НА КОВИД-19, АПЕЛИРА ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗАЕДНО ПОСИЛНИ“Зружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“ денеска апелираше дека пандемијата на ковид-19 не смее да ги намали напорите за справување со епидемијата на ХИВ. (Фото: Извадок од стрип-приказна на „Заедно посилни)

    Шест пациенти со ХИВ-инфекција починале во текот на 2020 во земјава, а регистрирани се 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција, вели Министерството за здравство, на денешното одбележување на 1 Декември, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Од починатите, 4 лица биле доцна дијагностицирани, а 2 лица одбиле да се лекуваат.

    Новодијагностицираните припаѓаат на различни возрасни групи од 20 до 69 години. Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи кои имаат сексуални односи со мажи, а 4 лица се изјасниле како хетеросексуалци.

    Половина од новодијагностицираните, ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување  во невладините организации и во рамките на институциите. Останатите половина биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство.

    „До овој момент, на Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99% (303) од нив примаат антиретровирусна терапија, што е исклучително висок процент. Само 3 лица сè уште не почнале да примаат терапија, поради тоа што во тек е спроведувањето на неопходни претходни анализи, средување на документи поврзани со здравственото осигурување, или по личен избор на пациентот“, вели Министерството.

    Во овој момент, кај 91% од пациентите вирусот е супримиран, односно имаат т.н. недетектабилно ниво на вирус во крвта. Се очекува ова да се постигне кај сите пациенти коишто почнале со терапија. Тогаш имунитетот на пациентите може да ја врши својата функција и да се регенерира, а исто така, исклучена е и можноста за пренос на вирусот.

    Зружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“ денеска апелираше дека пандемијата на ковид-19 не смее да ги намали напорите за справување со епидемијата на ХИВ.

    „Во согласност со насоките на Светската здравствена организација (СЗО), земјите мора да осигурат непрекината достапност на основните услуги за превенција и лекување на ХИВ-инфекцијата“ , велат од Здружението и додаваат дека се загрижени поради фактот што оваа година е значително намалена стапката на новооткриени случаи на ХИВ и досега изнесува помалку од половина од бројот на откриени случаи минатата година.

    „Очекуваме буџетот за антиретровирусна терапија да се планира врз основа на потребите и да се сообразува со зголемениот број пациенти што имаат потреба од терапија секоја наредна година. Потсетуваме дека вкупниот број пациенти на терапија во последниве 3 години се зголемил за повеќе од половина во однос на состојбата од крајот на 2017 . За ова прашање апелираме да се изнајде итно решение за 2021“, апелира Здружението и додава оти се благодарни на сите здравствени работници, но пред сѐ на вработените на Клиниката за инфективни болести за „натчовечките напори што ги прават за да спасат животи, а во исто време да ја одржат и редовната грижа за пациентите со ХИВ-инфекција“.

    Од Министерството велат дека пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка.

    „Во услови на ковид-19 се остварува и зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето. Во однос на спроведувањето на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 , поради пандемијата, целата програма се спроведува во вонредна состојба којашто директно влијае на обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но сепак се постигнати значајни резултати“, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.

    Според нивната статистика, со програмата за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи скрининг тестови преку граѓанските организации опфатени биле вкупно 1.773 припадници на клучните засегнати популации, лица кои инјектираат дрога, сексуални работници и мажи кои имаат сексуално односи со мажи. Притоа биле детектирани 11 реактивни резултати на тестовите и овие лица биле поврзани со Клиниката за инфективни болести за потврда на дијагнозата. Меѓу сите клучни засегнати популации, дистрибуирани биле вкупно 219.508 кондоми и 54.480 информативни и едукативни материјали.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира