30 ДЕНА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА БЕКИМ НЕЗИРИ И ЗА ТРОЈЦА ОД ОСУМТЕМИНА НАПАЃАЧИ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА

    30 ДЕНА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА БЕКИМ НЕЗИРИ И ЗА ТРОЈЦА ОД ОСУМТЕМИНА НАПАЃАЧИ НА КОНТРОЛНАТА КУЛАБеким Незири – главен на огранокот на ДУИ во Чаир и уште тројца се достапни и веќе се во куќен притвор, а по уште 4 напаѓачи полицијата трага. (Фото: Принтскрин од видео на 24 вести)

    Мерките за препазливост, односно за забрана за напуштање на живеалиштето (Скопје) на четворицата достапни за полицијата напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром на 4 јануари, преминаа во мерки 30 дена куќен притвор. Обвинителството по жалба против првичните одлуки на судијата на претхподна постапка Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ, извојува делумна победа, бидејќи бараше мерки ефективен притвор откако поднесе жалба и денеска други тројца судии во совет одлучија по жалбата.

    Најпознат меѓу овие четворица од вкупно 8 напаѓачи е Беким Незири, главен на огранокот на ДУИ во Чаир, а кој е вработен во М-НАВ. Тој и уште тројца се достапни и веќе се во куќен притвор, а по уште 4 напаѓачи полицијата трага. За нив е распишана централна потерница, бидејќи се смета дека се тука, во државата.

    „Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, денеска, одржа седница во присуство на странките кои побараа јавна седница, а во однос на жалбите изјавени од Јавниот обвинител против решенија на судии од претходна постапка од 04.01.2024 година со кои на 4 лица им се определија мерки за претпазливост поврзани со случувањата во М-НАВ. Советот, ценејќи ги приложените факти и докази во жалбата на обвинителот и одговорите на жалбата од страна на одбраната, а имајќи ги и предвид наводите во решенијата од претходна постапка, донесе одлука со која: Жалбите на Јавниот обвинител делумно се прифаќаат и донесе решенија со кои на четирите лица им се опредлува мерка куќен притвор во траење од по 30 дена како и дополнителни мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, како и Забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти или врски меѓу осомничените и со оштетениот“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

    Кога ги објави првичните, благи мерки, за нападот за кој Синдикатите во М-НАВ очекуваа дека ќе бидат за кривично дело „тероризам“,  Основниот кривичен суд Скопје застана на страната на Пајазити и Крстиќ и во соопштение кажа дека Обвинителството бара притвор за нешто за кое не дало докази.

    Се постави дилема во стручната јавност – како е можно да се тврди да нема докази, дали требаше да падне авион за да има докази? Но се постави и прашањето – зошто, пак, ако немало докази тогаш Пајазити воопшто дал мерки на претпазливост и им ги одзел пасошите на осомничените? Плус, дал забрана за издавање нови?

    Надзорот над куќниот притвор, согласно решенијата е во надлежност на МВР, вели  сега Судот. Ако избегаат, тоа ќе биде вина на полицијата.

    Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата.

    „Заради доследно информирање на јавноста и сузбивање на сите шпекулации и недоразбирања, сметаме дека е потребно да нагласиме дека според сите досега доставени  факти и податоци, конкретниот настан не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата. Но, како што нагласивме во претходното соопштение, факт е дека  осомничените презеле одредени дејствија кои е потребно дополнително да се истражат за да се утврди фактичката сосотојба. Заради сето тоа, Советот донесе решенија за определување мерки со кои ќе обезбеди дополнителна гаранција за понатамошната достапност на овие четворица осомничени“, вели во денешното соопштение Основниот кривичен суд Скопје.

    Тројца инспектори од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) на 11 јануари почнаа инспекциски надзор во М-НАВ која е во државна сопственост, соопшти директорката на Инспекторатот Весна Томовска. Бидејќи документацијата е обемна и голема инспекторите и утре ќе вршат надзор, вели директорката. Таа вели дека ќе ја разгледуваат документацијата околу вработувањата, како и тоа дали синдикатот има најави за штрајк согласно Законот. Почетни информации за надзорот може да се очекуваат за повеќе од една недела, бидејќи инспекторите мора да ја разгледаат обемната документација, а потоа ќе разговораат и со синдикалниот лидер, вели Томовска.

    Од финансиската полиција која во вторникот влезе во М-НАВ соопштија дека дел од документацијата е прибрана, но се чека да им бидат доставени останатите документи и потоа ќе почне анализирање на податоците, а ќе се испитуваат јавните набавки и финансиското работење на компанијата и Синдикатот со фокус на вработувањата.

    Протестите на Синдикатот почнаа со сомнителните огласи кои резултираа со матни вработувања без селекција во сферата воздухопловна техника, поради што Синдикатот на контролорите и двата други синдиката во М-НАВ се заканија со штрајк и со затворање на небото над Македонија за авиопрелети. Синдикатот бараше директорот Фахрудин Хамиди да ги поништи огласите, да си даде оставка, а МВР, Финансовата полиција и Обвинителството еднаш веќе да влезат во М-НАВ и да ги истражат незаконските и непотистички вработувања, јавните набавки, трошење јавни пари во Агенцијата која е во владина сопственост.

    Хамиди одби да ги поништи огласите, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски се закани со штрајк. Зад него на 4 јануари излегоа за поддршка, со аплауз, сите контролори на летање, Македонци, Албанци и инженери, инструктори и други вработени.

    По одржаната прес-конференција вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во радарската соба каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале. Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.

    Осомничените сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира