30 СЕЛА ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА БЕЗ СТРУЈА, СНЕЖНА ЛАВИНА ГО ЗАТВОРИ ПАТОТ ЗА ДЕБАР

    30 СЕЛА ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА БЕЗ СТРУЈА, СНЕЖНА ЛАВИНА ГО ЗАТВОРИ ПАТОТ ЗА ДЕБАР„Од силните наноси на снег и дожд дошло до натежнување и кинење на жиците. Наши екипи се на терен во сите делови и работат на отстранување на дефектите“, велат од ЕВН (Фото: СДК:МК)

    Tриесетина села од Западна Македонија од попладнево се без струја. Поради снежните врнежи без струја се Вевчани, Велешта, Боговиње, Зајас, Долно и Горно Јеловце, Колари и други села од гостиварско, тетовско, кичевско и од охридско-струшкиот регион.

    „Поради обилните врнежи од снег делови, односно планински села во западниот дел од земјава, останаа без напојување со електрична енергија. Од силните наноси на снег и дожд дошло до натежнување и кинење на жиците. Наши екипи се на терен во сите делови и работат на отстранување на дефектите. Ангажиравме двојно поголем број работници, но и условите на терен се лоши, бидејќи се планински и потешко пристапни места“, велат од ЕВН.

    Од ЈП „Македонија пат“ велат дека сите регионални и магистрални патишта се проодни, освен кракот од Дебар кон Маврово во делот кај Бигорскиот манастир. Сообраќајот на овој патен правец е во прекин од снежна лавина.

    „Наши екипи се на терен, местото каде има наноси на снег и одрони од камења од снежната лавина е обезбедено и се расчистува. Зголемена активност имаме и на патот кон Охрид во делот кај Стража. Патот е прооден, но поради отежнати услови има забрана за движење на тешки товарни возила. Нашите екипи расчистуваат на сите патни правци и ќе бидат присутни во текот на целата ноќ. Снежните врнежи се обилни, паѓа многу снег, но го чистиме“, вели Гајур Кадриу, директор на ЈП „Македонија пат“.

    Од Центарот за управување со кризи велат дека според нивните информации засега без струја се селата Осломеј, Зајас и Грубово, но дека екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектите.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари