38 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ЖИВЕАТ ВО РИЗИЧНИ УСЛОВИ, ПЛАТФОРМАТА ПРОТИВ СИРОМАШТИЈА БАРА ВЛАДАТА ДА ВОВЕДЕ УНИВЕРЗАЛЕН ДЕТСКИ ДОДАТОК

    38 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ЖИВЕАТ ВО РИЗИЧНИ УСЛОВИ, ПЛАТФОРМАТА ПРОТИВ СИРОМАШТИЈА БАРА ВЛАДАТА ДА ВОВЕДЕ УНИВЕРЗАЛЕН ДЕТСКИ ДОДАТОК45,5 отсто од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, додека кај децата Роми таа стапка е 17 отсто. Во ЕУ таа стапка е 95 отсто. (Фото: К. Попов)

    Речиси 22 отсто од граѓаните во Македонија живеат под линијата на сиромаштија, велат од Македонската платформа против сиромаштија (МППС), во чест на 17 Октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата. Според нивните податоци, 29,5 отсто од децата живеат во сиромаштија, а 38 отсто од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по здравјето, учењето, безбедноста и развојот на самото дете. Деветнаесет отсто од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, во споредба со 88 отсто во Европската Унија.

    „Од оваа статисика, најпогодени се децата во многудетните семејства, самохраните родители и ромските семејства. Но сиромаштијата е тесно поврзана и со услугите за грижа за деца и стари лица кои се ограничени , 45,5 отсто од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, додека кај децата Роми таа стапка е 17 отсто (во ЕУ таа стапка е 95 насто). Недостигот од услуги за грижа особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 % од неплатената домашна работа и грижата за децата, старите и изнемоштени лица, што ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да се неактивни на пазарот на труд“, велат од Платформата.

    Македонската платформа против сиромаштијата од Владата има повеќе барања, како: итно спроведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија, усвојување политики кои ќе ги намалат плаќањата од џеб на граѓаните во здравството, како и развој на услуги за ранливите категории на граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попречност и услуги за грижа и нега за стари лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира