Во моментов на дневна основа во „Идризово“ и во останатите затвори во Македонија има 2.900 затвореници, но 4.000 осудени лица чекаат да влезат во затвор, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.
„Дел од овие лица се со правосилна судска пресуда и со упатни акти за издржување на затворските казни, а дел чекаат правосилност. Место во затворите нема“, вели директорот Стојановиќ.
Со Предлог-законот за амнестија, што веќе го усвои Владата, ќе бидат опфатени и овие осудени лица, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон, не почнале со издржување на казната затвор, а имаат конечна и правосилна судска одлука за упатување на издржување затворска казна во казнено-поправните установи.
Измените предвидуваат целосно ослободување од извршување казна на оние лица што биле осудени на 6 месеци затвор, а за сите други, освен за категориите на убиства и други тешки форми на криминал што ги категоризирала, ќе има намалување од 30 отсто од казната.
Министерот за правда Биљен Саљији објасни дека амнестија ќе нема за:
-лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство извршено на свиреп или подмолен начин
-убиство при вршење на семејно насилство
-убиства со умисла при што е доведен во опасност животот на уште некое лице
-убиства од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди
-убиства по порачка
-убиства на женско лице за кое се знае дека е бремено
-убиство на малолетно лице
-убиства на судија, јавен обвинител или адвокат, при вршењето на неговата функција, односно дејност или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување лице лишено од слобода
-на лица осудени на затворска казна од најмалку десет години или со доживотен затвор за убиства со умисла на две или повеќе лица, за кои претходно не му било судено
-на сторители на кривични дела против избори и гласање од Кривичниот законик
-за кривични дела против половата слобода и половиот морал
-за кривични дела против државата
-за кривични дела злосторничко здружување
-за кривичните дела против човечноста и меѓународното право од Кривичниот законик
Според предложениот закон, ослободувањето од извршување казна, односно амнестијата, ќе ги опфати лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или со други закони, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се на издржување на казната затвор, вклучувајќи ги и лицата што на денот на влегувањето во сила на овој закон почнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.
Амнестијата е да се намали преоптеретеноста на затворите, нехуманите услови што постојат во нив и да почне ресолизацијата на осудените лица.
С. К. ДЕЛЕВСКА