Во рамките на Кабинетот на премиерот и Генералниот секретаријат на Влада ќе се формира сектор за информации. Како што објасни министерот без ресор Роберт Поповски одговорен за јавност, отчетност и транспарентност во Владата, со формирањето на секторот за информации, граѓаните и новинарите ќе можат да се запознаат со работата на Владата.
„Ќе се формираат 6 одделенија во рамките на секторот за информации. Во него ќе работат 40 луѓе, ќе се користат сите современи средства за комуникација со новинарите и граѓаните. Граѓаните ќе можат сето она што ги интересира да го добијат преку владината веб страницата. Ќе се објавуваат сите тендери, ќе дознаваат за трошењето на парите. Дури ќе се објавуваат и договорите од тендерите, освен оние делови кои се деловна тајна. Владата со тоа ќе ја унапреди транспаретноста до максимум“, рече министерот Поповски.
Тој додава дека тој сектор ќе се грижи и за комуникацијата меѓу Владата и министерствата, за размена на информации со кои ќе се зголеми транспарентноста на работата на Владата.
Г. ТРПЕНОСКИ