40 НАСТАВНИЦИ ЌЕ ГИ ОБУЧУВААТ СВОИТЕ КОЛЕГИ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА КАКО ДА ВОВЕДАТ ИНКЛУЗИВНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    40 НАСТАВНИЦИ ЌЕ ГИ ОБУЧУВААТ СВОИТЕ КОЛЕГИ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА КАКО ДА ВОВЕДАТ ИНКЛУЗИВНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ„Децата со попреченост честопати се соочуваат со исклученост во текот на целиот живот. Многу од нив се 'невидливи' - не се вклучени во официјалните податоци, голема е веројатноста да не одат на училиште и да се чуваат дома надвор од очите на јавноста. Тоа не е фер“, вели Елспет Ериксон, заменик претставник на УНИЦЕФ. - Од дебатата за реформи и инклузивно образование

    Една од реформите за воведување инклузивно образование, или образовниот процес да се врши по мерка на секое дете, ќе биде обуката на наставниот кадар како да работи со деца со пречки во развојот и деца од семејства со низок социо-економски статус. Обуките ќе ги вршат 40 наставници од мрежата од 30 основни училишта во Македонија кои веќе имаат воведено инклузивно образование. Овие наставници се избрани како лидери во процесот на примена на инклузивно образование, а и самите поминале низ обука за национални обучувачи.

    „Планот е во групи од по тројца обучувачи во секое основно училиште низ земјава да држат кратки обуки, за да може процесот на инклузивно образование да се шири, што беше и еден од зaклучоците на вчерашната дебата ’кон инклузивно образование-правци и реформи‘ што ја организираше Министерството за образование и УНИЦЕФ, а во која покрај претставници од државните институции имаше и претставници од Канцеларијата на правобранителот, академските институции, претставниците од организации на лица со попреченост и родители на деца со попреченост“, велат од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија.

    Покрај проширување на мрежата на училишта кои нудат инклузивно образование, учесниците на дебатата ја нагласија потребата инклузивното образование да се воведе во самите студии и образовен процес на наставниците и тоа за низ сите предмети, како и да се обезбеди постојан професионален развој на наставниот кадар.

    „Сметаме дека тоа е многу важно, бидејќи така наставниците уште додека студираат ќе можат да се стекнат со овие знаења. Исто така е многу важно да се обезбеди и соодветен наставен материјал за инклузивно образование. На пример ако во некое училиште е запишано дете со оштетен вид да се обезбедат учебници и наставен материјал на брајово писмо, или пак самите училишта да бидат попристапни за оние деца што се со физички хендикеп“, велат од канцеларијата на УНИЦЕФ.

    Според Елспет Ериксон, заменик претставник на УНИЦЕФ, квалитетното образование може да се постигне само кога секое дете, вклучувајќи ги и децата со попреченост одат на училиште и добиваат инклузивно квалитетно образование.

    „Децата со попреченост честопати се соочуваат со исклученост во текот на целиот живот. Многу од нив се ‘невидливи’ – не се вклучени во официјалните податоци, голема е веројатноста да не одат на училиште и да се чуваат дома надвор од очите на јавноста. Тоа не е фер“, рече Ериксон.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира