54-ГОДИШЕН ПАЦИЕНТ ДОБИ НОВО СРЦЕ, УСПЕШНА Е ПРВАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА ВО ЗЕМЈАВА

    54-ГОДИШЕН ПАЦИЕНТ ДОБИ НОВО СРЦЕ, УСПЕШНА Е ПРВАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА ВО ЗЕМЈАВАПо 6 часа операција, ноќва во 2 часот беше трансплантирано новото срце во телото на 54-годишниот пациент, а министерот Филипче објави фотографија од мониторот што ги регистрира отчукувањата. (Фото: Фејсбук на Венко Филипче)

    На Клиниката за кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, ноќва во 2 часот беше трансплантирано новото срце во телото на 54-годишниот пациент, соопшти Министерството за здравство. Два бубрега од истиот донор во моментов на Клиниката за урологија се трансплантираат  кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа.

    Првата трансплантација на срце во земјава, во координација со министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, ја започна и ја водеше националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори-д- р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

    На трансплантацијата работеше тим од тројца кардиохирурзи под водство на Проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, Проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување, воедно и Национален координатор за трансплантација. (Фото: Министерство за здравство)

    „Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство“, вели  Филипче.

    Министерот Филипче денеска го посети пациентот со пресадено срце. (Фото: Министерство за здравство)

    На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа др Маја Мојсова- Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

    Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

    Во моментов, на Клиниката за Урологија на трансплантациите на бубрезите работат лекарски тимови под раководтсво на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Сотир Ставридис и д-р Јанчулев со тим лекари од клиниката.

    Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радиологија кои ги направија потребните снимања и секако на лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.

    Пациентите кои ги добија органите беа избрани од Националните листи за чекање за срце и бубрези според медицински утврдени криетериуми за совпаѓање кои ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира