58 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНИОТ ДОМ „ТЕТОВО“ СЕ СО ПСИХИЈАТРИСКИ ДИЈАГНОЗИ, А ГИ ЛЕКУВА ПСИХИЈАТАР ЗА ВОЗРАСНИ СО ЛЕКОВИ ЗА ВОЗРАСНИ, ВЕЛИ НАСЕР ЗИБЕРИ

    58 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНИОТ ДОМ „ТЕТОВО“ СЕ СО ПСИХИЈАТРИСКИ ДИЈАГНОЗИ, А ГИ ЛЕКУВА ПСИХИЈАТАР ЗА ВОЗРАСНИ СО ЛЕКОВИ ЗА ВОЗРАСНИ, ВЕЛИ НАСЕР ЗИБЕРИЗибери е разочаран што децата од домот не посетувале настава ни оваа учебна година (Фото: СДК.МК)

    Дури кај 58 отсто деца од Воспитно-поправниот дом „Тетово“ констатирани се поставени психијатриски дијагнози, а ги лекува психијатар за возрасни, место детски и адолесцентски психијатар, предупреди денеска Народниот правобранител Насер Зибери.

    „Поради ова настанува опасност да бидат третирани како возрасни индивидуи, како во однос на лековите, така и во однос на дозите”, укажа Зибери.

    Препорача психотропните лекови да се даваат со голема претпазливост и само по проценка на потенцијалните ризици, придобивки, негативни ефекти и алтернативи кај младите. Не само што ги лекува психијатар за возрасни, туку и при неговиот разговор со нив присуствува и затворската полиција, што го ограничува чувството на безбедност и доверба.

    Зибери е разочаран што ниедно од овие деца и младинци не посетуваше настава ни оваа учебна година, што заврши месецов. Кажано му било дека образовниот процес за штитениците во ВПД „Тетово“ конечно ќе почне од септември.

    При посетата на затворите, пак, Националниот превентивен механизам е најзагрижен за затворот „Идризово“. И по 12, 16 лица има во ќелиите во пренатрупаниот затвор, кажа Зибери.

    „Спијат на кревети на три ката, на импровизирани легла на сунѓери на подот, со бубашваби и тавтабити кои лазат по нив. Тепачките во тензичната атмосфера се секојдневни, а обезбедувањето на затворот не може да се справи со тоа. Повеќе години е проблем пренатрупаноста во најголемиот затвор. Таму осудените лица престојуваат во исклучително нехумани услови”, алармираше денеска Зибери.

    Презентирајќи го извештајот на тимот на Националниот превентивен механизам, тој зборуваше и за мувлата и условите во затворот „Скопје“ во Шутка, за недостигот на вода во затворот во Куманово… Единствено во затворот во Тетово има подобрувања во инфраструктурата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира