6 ПОВРЕДЕНИ ОД ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА, ВКУПНО 10 СЕ ВО ТЕШКА СОСТОЈБА

    6 ПОВРЕДЕНИ ОД ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА, ВКУПНО 10 СЕ ВО ТЕШКА СОСТОЈБАВо болницата „8 Септември“ се хоспитализирани вкупно 28 повредени од автобуската несреќа. - Од вчерашниот увид на местото на несреќата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Десетмина од повредените во несреќата кај село Ласкарци каде излета автобус од автопатот Скопје-Тетово се во тешка состојба, а шестмина се во критична, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој рече дека од вкупно 28 хоспитализирани пациенти во градската општа болница „8 Септември“, 6 се во критична состојба, а 6 ќе бидат пуштени на домашно лекување. На скопските клиники се хоспитализирани 8 повредени, од кои 4 се во критична состојба и се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). На лекување во здравствените установи остануваат 30 од повредените.

    „Еден пациент е на Трауматологија, еден на Неврологија, еден е на Торакална хирургија, а бремената жена е на Гинекологија. На една пациентка утрово ѝ се влоши состојбата и во моментот е на операција, состојбата со ногата е лоша и можно е да ѝ ја ампутираат“, рече Филипче.

    Останатите што се на КАРИЛ се со повеќе повреди, но доминантни се повредите на глава, а со бројни повреди се и повредените во ГОБ „8 Септември“.

    Двајца од повредените во „8 Септември“ ноќеска се оперирани, односно 15-годишно момче и 40-годишен маж.

    Директорот на „8 Септември“ Кристијан Костов рече дека момчето е со повреда на црниот дроб, а на 40-годишниот пациент му е санирана повреда на тенкото црево.

    „Двајца од шесте пациенти кои се на интензивна нега се во критична состојба и се на респиратор, тие се со политрауми и уште од почетокот кога беа донесени“, рече Костов.

    Министерот кажа дека Здравствен дом Скопје за време на несреќата ги ангажирал сите 9 амабулантни возила, 4 амбулантни возила од Клиничката болница во Тетово, 2 од Гостиварската болница, а на барање на Министерството приватните болници Систина учествувала со 3 возила и Неуромедика со 2 возила. Тој кажа дека пет возила на Службата за итна медицинска помош од терен извршувале задачи, а едно возило цело време било на местото на настанот каде се вршело тријажа на повредените и се одердувало кој прв од повредените ќе се упатува во болница.

    „Веќе спроведовме набавка на нови 12 возила, од кои најмногу се за Итната медицинска помош во Скопје. Привршува рокот на нивна достава и во наредните неколку недели“, рече Филипче.

    Во автобуската несреќа завчера, загинаа 14 патници, а повредени беа 37 други.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира