Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите кои работат во јавното здравство, но за жал, новинарите не ги следат тие вести.
На денешната прес-конференција за 100 дена Влада, на новинарско прашање за тоа какви реакции добива од граѓаните на отворената линија за контакт со него, Таравари кажа дека официјално еден ден во неделата се гледа со пациенти, но секојдневно комуницира со граѓани, пациенти.
„Мојот впечаток е дека околу 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите коишто работат во јавните здравствени установи. Меѓутоа, за жал, новинарите од нив не прават вести за пациените кои се задоволни од тој доктор, дадена добра услуга, алал нека ви е за сè што направивте за пациентот. Околу 20 до 30 отсто има пациенти коишто не се задоволни. Има разноразни забелешки од нив, некои оправдани, некои не се оправдани, да бидеме искрени. Некогаш некој чека пет минути и е нервозен. Сите чекаме некаде. И во банка кога одиме, чекаме 10 минути, па не викаме. Некои се нервираат, некои и со право се жалат. Кога имало жалби сме комуницирале и директно со докторите од кои се жалеле, некогаш сум ги соочувал граѓанинот – пациентот со докторот и на крајот на краиштата здравственот систем постои заради пациентите и тие се центарот во орбитата на здравствениот систем“, рече министерот.
Според Таравари, и докторите и другиот медицински персонал се многу важни и треба да се мотивираат здравствените работници, не секогаш се лошо да се кажува за нив, туку и да бидат пофалени.
„Има одредени забелешки коишто држат, се обидуваме со разговор со нашите колеги тоа да го амортизираме и тоа да не се повторува, а ако се повторува од ист колега повеќе пати, повеќе пациенти да се жалат, тогаш ќе преземеме мерки коишо може да ги преземе Министерството за здравство“, кажа Таравари.
Б. НЕСТОРОСКА