61 ПРИЈАВЕН КАНДИДАТ ЗА 16 РАБОТНИ МЕСТА ВО ШТИПСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА, ВКУПНО Ѝ ТРЕБААТ 100 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ

    61 ПРИЈАВЕН КАНДИДАТ ЗА 16 РАБОТНИ МЕСТА ВО ШТИПСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА, ВКУПНО Ѝ ТРЕБААТ 100 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ„По денешениот последен тест, посебната стручна комисија ќе ги утврди најдобрите кандидати кои ќе бидат примени“, вели директорот на Клиничката болница Ален Георгијев. (Фото: СДК.МК)

    Шеесет и еден кандидат се пријавија на огласот за 16 работни места во Клиничката болница во Штип. После денешното тестирање, Болницата ќе прими нови 16 здравствени работници од кои осум доктори, по еден стоматолог и физиотерапевт и шест медицински сестри. Болницата има потреба за уште 100 здравствени работници, претежно лекари и медицински сестри.

    „На распишаниот оглас за вработување на 16 здравствени работници се пријавија вкупно 61 кандидат од кои 44 се лекари, десет медицински сестри, четворица физиотерапевти и тројца стоматолози. По денешениот последен тест, посебната стручна комисија ќе ги утврди најдобрите кандидати кои ќе бидат примени“, вели директорот на Клиничката болница Ален Георгијев.

    Тој додава дека до Министерството за здравство редовно се доставуваат барања за вработување и на технички персонал и тоа конкретно за 10 болничари и 9 хигиеничари, но поради тоа што барањата не се прифаќаат и само се обновуваат, Клиничката болница пак е принудена да ги обновува годишните договори со веќе ангажираниот технички и помошен персонал.

    За одобрените најнови вработувања на стручен кадар, Георгијев вели дека ваков прием на стручен кадар се случува по три години, но со оглед на тоа што голем број здравствени работници во Штип заминаа во пензија или во други клиники во земјата и во странство, веднаш по крајната реализација на овој оглас ќе се бараат нови вработувања со распишување нов оглас.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира