62 % ОД ФИРМИТЕ ПРИЗНАВААТ ДЕКА ТЕНДЕРИТЕ СЕ ДОГОВАРААТ, БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ТРИ ГОДИНИ НЕ ОТКРИЛО НЕШТО НЕЛЕГАЛНО

    62 % ОД ФИРМИТЕ ПРИЗНАВААТ ДЕКА ТЕНДЕРИТЕ СЕ ДОГОВАРААТ, БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ТРИ ГОДИНИ НЕ ОТКРИЛО НЕШТО НЕЛЕГАЛНОНа врвот на фирми кои добивале милионски тендери од државата е фирмата „Марковски компани“ Битола, која набавувала за потребите на РЕК Битола. (Фото:СДК.МК)

    За 16 милиони евра е зголемена вредноста на јавните набавки во 2021 година во четири очи, без тендер, во однос на претходната, а на врвот е фирмата „Марковски компани“ Битола, која набавувала за потребите на РЕК Битола. РЕК таа година на „Марковски компани“ Битола ѝ платила 24 милиони евра за набавки со непосредно договарање.

    Во многу деталниот Извештај од мониторираните јавни набавки за 2021 година што го објави Центарот за граѓански комуникации, се наведува дека вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра. Дури 80 % од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука.

    Показател дека државните органи вршат корупција при јавните набавки е тоа што не даваат отчет дали победниците на тендерите си ја завршиле работата. Институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори. Заклучно со мај 2022 година, доставени се известувања само за една третина од склучените договори. Од нив може да се констатира дека во секој четврти реализиран договор институцијата не го подмирила својот долг кон фирмата.

    Од склучени 29.414 договори за јавни набавки во 2021 година, заклучно со мај 2022, до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) се доставени известувања само за 8.881 договор склучен во 2021 година.

    Институциите не се откажуваат од електронската аукција, и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата. Во текот на 2021 година, електронската аукција била спроведена во дури 89 % од тендерите.

    Натаму, опишано е како на перфиден начин се обесхрабруваат да учествуваат на тендерите тие фирми што не треба да ги добијат. Ако треба ќе стојат патишта неизградени, железници недовршени, ама комисиите за јавни набавки во секој втор тендер ги отфрлаат понудите на фирмите како неприфатливи, а тендерите пропаѓаат.

    Со ова се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите“, прашуваат истражувачите и автори на Извештајот.

    И покрај повиците на компаниите дека има корупција при јавните набавки од страна на државата и на општините, Бирото за јавни набавки, кој е контролен орган, нема ниедна забелешка. Страшен е податокот дека и трета година од воведувањето на управните контроли, нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди.

    Во 2021 година биле поднесени се 1.008 жалби од фирмите, што е за 2,5 % повеќе од претходната година. Во однос на донесените решенија, најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 % од нив. Сепак, уважените жалби се за 10,7 процентни поени помалку во однос на претходната година.

    Во анкетата со фирмите, 62 % од нив признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите.

    51 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. 65 % од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира