Поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски е осуден на 9 години казна затво, за незаконска набавка на 300 возила за МВР и да му ја надомести штетата на МВР од 28 милиони денари во рок од 15 дена во предметот на СЈО „Триста“.
Пресудата во Основниот суд Скопје 1 денеска му ја изрече судијката Добрила Кацарска, која дојде на местото на Лидија Петровска. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи побара притвор за осудениот поради опасност од бегство.
Поповски, кога почна судењето лани, се изјасни дека е невин и оти очекува ослободителна пресуда за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластувања. Тој е осуден дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, вон одредбите на Законот за јавни набавки. Со пресудата потврдено е дека Поповски го оштетил буџетот на МВР за 453.570 евра.
Пред изрекувањето на пресудата, Кацарска накратко потсети на доказите, односно посочи како дошло до тоа со потписот на Поповски, кој ги прескокнал прворангираните автодилери. МВР платило од својот буџет 433 илјади евра повеќе за набавката на колите, отколку што би чинело тоа да го направат најповолните, прворангираните понудувачи.
Тоа стриктно го бара Законот за јавни набавки и тој не дозволува алтернатива. Место со најповолните понудувачи, Поповски ги офајдил поскапите, трето, четврто и петто рангираните економски оператори. Најголем ќар од парите на граѓаните добила „Порше Македонија“ (107.713. 800 денари), а потоа и Кадис, Бохемија, Автокуќа и други компании, сите трето, четврто и петторангирани на огласот.
С. К. ДЕЛЕВСКА