Поранешниот премиер Никола Груевски денеска во отсуство беше неправосилно осуден на 9 години затвор во предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
Покрај Груевски, Основниот кривичен суд Скопје на затворски казни ги осуди поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски и градежната инспекторка Елисавета Најдоска. Трајковски и Најдовска добија 4-годишни затворски казни, додека Јанакиески доби 3-годишна. Останатите тројца обвинети, вработени во општината, добија ослободителни пресуди. Сите беа обвинети за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања.
Избеганиот во Унгарија Никола Груевски нареди да биде уништен „Космос“ со експлозив, затоа што во 2011 година Цаноски ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Јанакиески е обвинет како координатор на целата акција на незаконското уривање, а ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика.
Груевски досега е осуден и во предметите „Тенк“, „Насилство во Општина Центар“ и „Плацеви на Водно“, додека Јанакиески е осуден и во „Титаник“, „Топлик“, „Организатори на 27 април“ и „Насилство во Општина Центар“.