Девет лица се уапсени во денешната полициска акација во Велес, Тетово и Скопје и под нив се поднесени кривични пријави за Трговија со дете, Полова злоупотреба на немоќно лице и за Производство и дистрибуција на детска порнографија, соопшти Јавното обвинителство, додавајќи дека еден осомничен се наоѓа надвор од државата.
„Во јануари годинава, предметниот обвинител донесе Наредба против пет лица кои сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал. По преземените дејствија во текот на истражната постапка, јавниот обвинител прибави цврсти докази врз основа на кои во соработка со Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР денес спроведе акција. Извршени се претреси на повеќе локации во Велес и на по една локација во Скопје и Тетово, притоа лишени се од слобода девет лица, додека еден осомничен се наоѓа надвор од државата“, се вели во соопштението.
На четворица од нив им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а на еден му е одредена мерка куќен притвор.
За кривичните дела Трговија со дете и Полова злоупотреба на немоќно лице предвидени се затворски казни од најмалку 8 години, додека за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија затворска казна од 3 до 5 години.