АДМИНИСТРАЦИЈАТА СИТЕ ПРЕДМЕТИ ЌЕ ГИ РЕШАВА ЕЛЕКТРОНСКИ И ЌЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ КОЛКУ СРАБОТИЛ, РЕЧЕ МАНЧЕВСКИ

    АДМИНИСТРАЦИЈАТА СИТЕ ПРЕДМЕТИ ЌЕ ГИ РЕШАВА ЕЛЕКТРОНСКИ И ЌЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ КОЛКУ СРАБОТИЛ, РЕЧЕ МАНЧЕВСКИМинистерот Манчевски кажа дека електронското работење на администрацијата ќе им овозможи и на раководните лица да имаат преглед кој вработен колку сработил, ќе доведе до намалување на корупцијата, ќе се влијае на откочување на административно закочените процеси, а граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги. (Фото: Влада на РСМ)

    Целиот работен процес на државната администрација ќе се врши електронски. Сите документи и предмети ќе се креираат, архивираат, одобруваат и потпишуваат електронски наместо во хартиена форма физички да се носат на потпишување или архивирање во институцијата. Ова се предвува со модернизацијата на Националниот систем за управување со документи, кој денеска на прес-конференција го претстави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

    Манчевски кажа дека електронското работење на администрацијата ќе им овозможи и на раководните лица да имаат преглед кој вработен колку сработил, ќе доведе до намалување на корупцијата, ќе се влијае на откочување на административно закочените процеси, а граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги.

    „Станува збор за унифициран систем за подобрувањето на работењето на државните интитуции. Со овој систем, процесирањето на документите и спроведувањето на работните процеси во институциите може да се одвива целосно електронски. Со имплементацијата на системот за управување со документи и дигитализацијата на работните процеси во институциите се овозможува вработените своите документи и предмети да ги добиваат електронски, да постапуваат по истите на електронски начин и да креираат свои документи, кои преку системот ќе може да ги праќаат на одобрување, архивирање, потпишување или поматамошно постапување“, рече Манчевски кој в понеделник заминува од министерското место, а го наследува кадарот на ДУИ Јетон Шаќири.

    Во моментoв, новиот систем за управување со документи го користат 20 институции и над 5.000 корисници. Манчевски кажа дека во следниот мандат една од главните задачи на Министерството ќе биде зголемување на број на корисници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира