АДВОКАТОТ НА КАМЧЕВИ ГИ ПОКАЖА ДОКУМЕНТИТЕ КАКО ПРЕФРЛАЛЕ УДЕЛИ ОД БЕЛИЗЕ НА СВОИТЕ ФИРМИ, КАКО ДОКАЗ ДЕКА СЀ БИЛО ПО ЗАКОН И ЗАВЕРЕНО ВО УЈП

    АДВОКАТОТ НА КАМЧЕВИ ГИ ПОКАЖА ДОКУМЕНТИТЕ КАКО ПРЕФРЛАЛЕ УДЕЛИ ОД БЕЛИЗЕ НА СВОИТЕ ФИРМИ, КАКО ДОКАЗ ДЕКА СЀ БИЛО ПО ЗАКОН И ЗАВЕРЕНО ВО УЈПКамчеви на судење за Плацеви на Водно (Фото: СДК.МК)

    Адвокатот на обвинетиот Јордан Камчев во случајот „Плацеви на Водно“, на денешното судење изведе 69 докази во прилог на одбраната.

    Во март и во мај, адвокатот Тони Менкиноски поднел барање до ОЈО за организиран криминал да обезбеди докази кои одат во полза на одбраната, за што, обвинителката Лиле Стефанова, рече тој, законски морала да ги обезбеди и да ги приложи кон обвинителниот акт.

    На ова таа подоцна кажа: „Ваши докази се, обезбедете си ги самите”.

    Во насока дека компаниите на Камчеви работеле транспарентно и легално, тој презентираше: Даночен биланс за Орка холдинг за 2016 година од УЈП за данокот на добивка, потоа Даночен биланс за Камчев консалтинг од УЈП за 2019 година за данокот на добивка во 2016 година, Даночен биланс за Орка фајнанс, Даночна пријава за персонален данок на доход за Камчев од УЈП, потоа за Ратка Куновска – Камчева, за Ристо Новачевски, аналитички картички за субјекти кои ги побарала одбраната за подмирен данок на добивка. Редеше понатаму дека ни билансна состојба и билансен успех за наведените фирми на Камчев не прибавила обвинителката Лиле Стефанова.

    Потоа на проектор почна да ги презентира материјалните доказите на одбраната. Прво, договор за пренос на удел на „Сирах лимитед” од Белизе, на “Орка холдинг” во износ на милион и двесте деведесет илјади евра, заверен на нотар.

    Стефанова само кажа дека овој доказ беше презентиран како доказ на Јавното обвинителство.

    Потоа презентираше аналитичка картичка за пренос на 1.535.000 евра од „Орка” на „Сирах” во осум наврати, во 2015 година. Со тоа Менкиноски вели дека е исполнет договорот за пренос на удел, заверен на нотар.

    Натаму, покажа договор за пренос на удел и аналитичка картичка, сега од „Орка холдинг”, па на Камчев Консалтинг ДООЕЛ Скопје, како доказ дека преносите на удели биле транспарентни и по закон, заведени во УЈП, односно во Министерството за финансии, а не криење на испрани пари на Никола Груевски со кои Камчев на негово име ги купил плацевите од 11 илјади метри квадратни, како што тврди Обвинителството.

    Одбраната се спротивставува на тврдењето во обвинението дека обвинетите Јордан Камчев и Ратка Куновска-Камчева , не само што помогнале во перењето пари од членарината и донациите во ВМРО-ДПМНЕ со кои Груевски си ги купил плацевите, туку и дека подоцна, кога биле објавени „бомбите” за ДУП-от и ГУП-от на Водно, обвинетите Камчеви, со преноси на удели од една на своја фирма, се обидувале да го скријат потеклото на тие пари.

    Со договор за пренос на удел, во 2016 година „Орка холдинг” му пренел и на „Орка фајнанс ДООЕЛ Скопје”, претставуван од сестрата на Камчев.

    Настана забуна кај дел од присутните во судницата, бидејќи Јордан и Ратка Камчеви токму за ова префрлување на удели ги гони Стефанова во овој предмет, а Менкиноски уште еднаш објасни дека сè било легално според закон, пријавено, документирано и ништо несокриено.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира