Тројцата обвинители што го застапуваа обвинението за предметот „Тврдина-Таргет”, се незаконски застапници, кажа Љупчо Шврговски, адвокат на првостепено осудениот на 12 години затвор Сашо Мијалков и адвокат на уште неколкумина од осудената група, меѓу кои е и Гордана Јанкулоска.
Со оглед на тоа што вештакот немал валидна лиценца, кажа тој на денешната јавна седница по жалбите во овој основен предмет на поранешното СЈО, „доказите се набавени на незаконит начин со кршење на човековите права и слободи”.
„Сведокот Звонко Костовски самиот кажа дека не прислушувала само УБК. Нема докази дека Мијалков формирал злосторничко здружување за незаконско следење на комуникациите на граѓани, ни докази дека им давал улоги или дека им обезбедувал заштита, имунитет. Се е претпоставка, усно тврдење, кое никаде не се докажува. Нема доказ дека Мијалков барал да се слушаат телефони, ниту кој ги слушал, ако воопшто ги слушал. Кому дал наредба да слуша некого? Кои се броевите за кои тој барал да бидат прислушувани? Недокажано е и дека од компјутерот во канцеларијата прислушувал”, рече адвокатот Миле Петровски во образложението на жалбата против 12-годишната затворска казна на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.
Адвокатот го набеди Костовски дека прислушувал, бидејќи имал лозинки, пристап до системите во Управата.
Но, вишиот јавен обвинител Елвин Вели, кој во втор степен во жалбена постапка пред Апелација сега го застапува обвинението за масовното незаконско прислушување, кажа:
„Не се основани жалбите, на сите обвинети. Основниот кривичен суд Скопје правилно ја утврдил фактичката состојба. Жалбите против вештаците се исто така неосновани. За лиценцата на истиот вештак Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд одлучиле во друг предмет дека е во ред”.
Следи објаснување на жалбите на сите првостепено осудени, од сите адвокати. Можност да зборуваат имаат и осудените Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Надица Николиќ и другите, освен осудените во отсуство Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство. Но, на крајот ќе се обрати и нивниот бранител.
С. К. ДЕЛЕВСКА