АДВОКАТОТ НИКОЛА ДОДЕВСКИ И МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ ГО ПРОВЕРУВАА ДОГОВОРОТ СО АД БЕТОН ПРЕД ДА ГО ПОТПИШАМ, СЕ БРАНИ ПОРАНЕШНИОТ ГЕНСЕК НА ВМРО-ДПМНЕ КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА БЕЛАТА ПАЛАТА

    АДВОКАТОТ НИКОЛА ДОДЕВСКИ И МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ ГО ПРОВЕРУВАА ДОГОВОРОТ СО АД БЕТОН ПРЕД ДА ГО ПОТПИШАМ, СЕ БРАНИ ПОРАНЕШНИОТ ГЕНСЕК НА ВМРО-ДПМНЕ КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА БЕЛАТА ПАЛАТАСудењето за Белата палата е при крај и од одлуката на судот ќе се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја задржи десеткатницата, луксузните предмети, мебел и опрема во неа, како и штабовите, или државата ќе ги конфискува. - Кирил Божиновски пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот во „Талир 2“ Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, на прашање на неговиот адвокат Еленко Миланов во врска со обвинението за незаконската градба на седиштето на партијата и лепенката хотел на „Бетон” на Минчо Јорданов, давајќи денеска одбрана пред судот, кажа дека пред да го потпише договорот со АД Бетон, него детално го проверил тогашниот адвокат на партијата Никола Додевски, но и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како претседател на истоимена партиска комисија.

    Додевски, кој го бранеше и застапуваше избеганиот Никола Груевски при отворањето на истрагите, но и по почнувањето на судските процеси против него, одеднаш ја прекина соработката со Груевски и со ВМРО-ДПМНЕ. Јанакиески пак, ги призна прислушуваните разговори не само во „Титаник“ каде призна вина, туку и во „ТНТ“ за одмаздничкото уривање на огромниот комплекс „Космос“ по нарачка на обвинетиот Груевски.

    Груевски е обвинет заедно со Јанакиески и во „Титаник“ за тешки изборни нерегуларности и формирање злосторничко здружување, а и во „ТНТ“. Тој е првообвинет, Јанакиески веднаш зад него.

    Божиновски кажа дека вообичаено претседателот на партијата е овластен да потпишува договори во име на партијата, но се случувало да биде отсутен или зафатен, па овластување да добивал тој, како што се случило и да го потпише спорниот договор со АД Бетон, поради кој е замрзнат имотот на партијата.

    “За изградбата на партиското седиште добив информација на седница во старото седиште. По разни дебати се усвои едногласен став да се оди со соинвеститорство со нудење на земјиштето што го поседува партијата, а кој соинвеститор би и дал процент од градбата. Бев овластен да ги терам процедурите и да го потпишам договорот. На огласот доби Бетон, кој понуди проект. Партиска комисија на чело со Миле Јанакиески го анализираше проектот. Утврдена беше неусогласеност, разлика во квадратурата. АД Бетон потврди дека постои разлика во процентот и писмено не извести дека ќе ја надомести таа разлика. Договорот бев овластен јас да го потпишам, откако помина на највисоките колективни партиски тела. Договорот беше класичен облигационен договор за соинвеститорство. Сепак пред да потпишам, Договорот беше детално проверен од адвокатот тогашен на ВМРО-ДПМНЕ Никола Додевски, од Миле Јанакиески и од Александар Јанакиески, раководител во Министерството за транспорт и врски”, одговараше Божиновски на прашања на својот адвокат.

    Судењето за Белата палата е при крај и од одлуката на судот ќе се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја задржи десеткатницата, луксузните предмети, мебел и опрема во неа, како и штабовите, или државата ќе ги конфискува.

    Главното кривично дело во овој сложен предмет е што Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Божиновски како генерален секретар преку партијата оствариле профит од над два милиона евра, испумпувајќи пари од бизнисменот Минчо Јорданов, чија градежна компанија тогаш добиваше тендери за Скопје 2014 година и други од државата.

    Со Законот за политички партии забрането е партиите да остваруваат профит. Може да стопанисуваат само во рамки на пазарна вредност на стоките и услугите, тоа што е над таа вредност треба да враќаат во Буџетот. Но, според обвинението, тие не само што не го вратиле профитот во Буџетот на државата, туку со парите од партнерот ДГ Бетон, кој остварувал приходи од тендерите на државата под власт на Груевски, склучиле договор да им ја изгради 10-катната зграда – седиште на ВМРО-ДПМНЕ, да им даде пари за уште 30 штабови низ Македонија, да им ги купи лустерите, скапите паркети, мебелот и опремата во партиското седиште.

    Според обвинението, тука се гони чиста корупција. Уште еден доказ за тоа е што ДГ Бетон тогаш не смеел да склучува договор со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во тој момент 80 отсто од приходите што ги остварувала компанијата, биле од тендери добиени од државата.

    Вештакот ангажиран од избеганиот Никола Груевски и од второобвинетиот Кирил Божиновски, за да ги оправда двата милиона евра кои Бетон незаконски ѝ ги префрлил на ВМРО-ДПМНЕ, тврди пред судот дека метар квадратен деловен простор на тоа земјиште на улица Македонија чини до 7.000 евра. Рече дека цената ја врзува со „енормната пазарна вредност на земјиштето во Центар каде се наоѓа партиското седиште“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира