Адвокатското друштво Апостолски утре ќе поднесе тужба против Владата, со овластено лице Зоран Заев како премиер поради непреземање мерки против загадувањето. Тужбата, како што соопштија од адвокатското друштво, ќе биде поднесена до Основниот граѓански суд Скопје и до Европскиот суд за човекови права и слободи.
Со тужбата, тие од судот бараат да утврди повреда на правото на живот согласно член 10 од Уставот, Член 2 од Европската конвенција за човекови права, правото на здравствена заштита гарантирано со член 39 од Уставот и правото на здрава животна средина по член 43 од Уставот. Се бара од судот да изрече и мерки против Владата, односно функционерите во Владата, како премиерот Зоран Заев, министри, заменици министри, државни секретари, шефови на кабинети на министри, заменици министри и државни секретари, советници, координатори и други.
Од адвокатското друштво предлагаат намалување на плата на функционерите, забрана за користење службени возила, забрана на користење државни пари за службени појадоци, ручеци, вечери, како мерки кои најмногу би ги засегнале државните функционери за да почнат со имплементација на мерките согласно Програмата за намалување на аерозагадувањето. Со програмата Владата се обврза да го намали загадувањето на воздухот до 2020 во Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%, потсетуваат од адвокатското друштво Апостолски.
Во јули, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) поради континуираното аерозагадување поднесе тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје против Владата, Министерството за животна средина и Град Скопје за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, право на приватност на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и преземање на мерки.