АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ Е ДОЛЖНА ПО ЗАКОН ДА ГО ИЗВЕСТИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО АКО ОСОМНИЧЕН ЗА СЕРИОЗНО КРИВИЧНО ДЕЛО КАКО КАМЧЕВ САКА ДА ИЗБЕГА, ВЕЛИ АНБ

    АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ Е ДОЛЖНА ПО ЗАКОН ДА ГО ИЗВЕСТИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО АКО ОСОМНИЧЕН ЗА СЕРИОЗНО КРИВИЧНО ДЕЛО КАКО КАМЧЕВ САКА ДА ИЗБЕГА, ВЕЛИ АНББизнисменот Јордан Камчев на 14 март беше приведен по информација на АНБ дека се подготвува за бегство. (Фото: К. Попов)

    Агенцијата за национална безбедност (АНБ), два дена по експертски и политички анализи дека не постапила законски околу дојавата за бегство на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во две истраги за перење на милионски суми, се огласи во јавноста со објаснување дека си ја врши својата работа за која е обврзана со законот.

    „Во врска со заинтересираноста околу постапувањето на Агенцијата за национална безбедност во случајот со определување на мерката притвор на Јордан Камчев на 14.03.2021 година, информираме дека АНБ во рамките на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, достави до надлежното Јавно Обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, а поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него“, соопшти АНБ.

    Наспроти ова, адвокатот на Камчев и некои правни експерти тврдеа дека Агенцијата не го известила обвинителството туку МВР за сознанијата оти осомничениот ќе бега, и дека полицијата наводно без наредба на обвинител го уапсила.

    „Согласно наведените одредби, ако постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно oбвинителство. Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од член 273 од Кривичниот законик, надлежното Јавно обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, вели АНБ.

    Бизнисменот Јордан Камчев на 14 март беше приведен по информација на АНБ дека се подготвува за бегство. Од судија на претходна постапка доби мерка притвор од 30 дена, осомничен за помагање во незаконското купување на плацевите за Никола Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, а осомничени се и Сашо Мијалков и кумот на Груевски Ристо Новачевски. Мијалков веќе е во Шутка чекајќи правосилност на 12-годишната казна затвор за случајот со масовоното прислушување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира