Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во Тетово соопшти дека победиле кај албанската популација, но изрази жалење што албанскиот политички блок изгубил мандати во Парламентот.
“Ме радува фактот што изборите поминаа мирно, без проблеми, што значи дека земјава оствари голем напредок и зрелост околу организирањето на слободни избори. ДУИ секогаш апелирал кај нивниот електорат, кај Албанците и од нив барал да не се парцијализираат, партизираат во мали партии, бидејќи ќе бидат губитници. Секогаш ги повикувавме малите партии да бидат заедно, да го победат ДУИ, а да не изгубат Албанците. Со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците во прв ред, и не ме радува победата на ДУИ“, изјави Ахмети.
Сепак, Ахмети истакна дека ДУИ ќе продолжи да работи за просперитетот на Македонија и за целосно враќање на стабилноста на земјата.
„ДУИ нема да го смени курсот и силно ќе работи тој курс да заживее и да се материјализира. ДУИ ќе биде одлучувачки фактор за тоа кој ќе ја земе одговорноста за да управува со процесите“, рече Ахмети.