АЈ ДА ИНВЕСТИРАМЕ И ДА Ѝ ПОМОГНЕМЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, РУСКО-КИНЕСКО ВЛИЈАНИЕ СЕКАКО ИМА И ВО ЧЛЕНКИ НА ЕУ, ВЕЛИ МАКРОН ЗА „ЕКОНОМИСТ“

    АЈ ДА ИНВЕСТИРАМЕ И ДА Ѝ ПОМОГНЕМЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, РУСКО-КИНЕСКО ВЛИЈАНИЕ СЕКАКО ИМА И ВО ЧЛЕНКИ НА ЕУ, ВЕЛИ МАКРОН ЗА „ЕКОНОМИСТ“Макрон вели дека ќе попушти за преговори со Северна Македонија и Албанија, но само ако во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. - Заев со Макрон и Меркел на состанокот во Берлин во април (Фото: Фејсбук/Зоран Заев)

    Францускиот претседател Макрон во интервју за британскиот магазин „Економист“ вели дека е подготвен да се согласи да почнат преговори со Скопје, ако во следните месеци се реформира процедурата, а РС Македонија продолжи со реформите.

    Како што пренесе „Дојче веле“, Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвинува останатите држави-членки на ЕУ дека се затскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел.

    Во интервју за британскиот магазин „Економист“, водено на 21 октомври годинава, а објавено денеска, Макрон вели дека ќе попушти за преговори со двете земји, но само ако во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. Но, вели дека нема да попушти за натамошно проширување на ЕУ.

    „Најголемиот дел (од земјите-членки) беа за отворање преговори со Северна Македонија, но речиси половината беа против преговори со Албанија. Тоа ќе беше фатална грешка“, вели Макрон во интервјуто.

    На прашањето на новинарите, дали смета дека тие држави се затскривале зад Франција, францускиот претседател потврдува.

    „Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека ако не отворите и со Албанија, создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Ако ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот. Оттука, јас верувам дека, прво, мораме да ги реформираме процедурите за членство. Тие повеќе не се адекватни. Тие не се стратешки. Не се ни политички, туку се премногу бирократски и не се реверзибилни, но во еден момент ќе мора да се постави прашањето за реверзибилноста. Второ, ако сте загрижени за регионот, првото прашање не е Македонија или Албанија, туку Босна и Херцеговина. Временската бомба која отчукува на границата со Хрватска и која се соочува со џихадисти повратници е Босна и Херцеговина“, пренесува Дојче веле.

    Третиот чекот што смета Макрон дека треба да го направи ЕУ, е да се реформираат процедурите за пристапување, пред да се отворат преговорите.

    „Ако направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори, ако и тие (земји, н.з.) направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен“, вели Макрон.

    Францускиот претседател поради чиј став нашата земја не доби дозвола, т.е. датум за почеток на преговорите со Унијата, им кажал на државите членки дека и без Македонија и Албанија имаат проблем во функционирањето.

    „Се обидов да бидам конзистентен, им реков ’имаме проблем‘. Не знаеме како да функционираме со 27 членки. Мислите дека ќе функционира подобро со 30 или 32? А тие ми велат ’ако ги отвориме (преговорите, н.з.) сега, тоа ќе трае 10 до 15 години. Тоа не е искрено ни кон нашите граѓани, ниту кон тие земји. Им реков погледнете што се случи со банкарската унија. По кризата во 2008 ни требаат 20 години за да се реформираме. Така да, дури и да ги отвориме преговорите сега, нема да успееме да ја реформираме Унијата ако продолжиме да работиме со иста брзина“, ја објаснува во интервјуто својата одлука Макрон.

    Тој не паничи за влијанието на Русија и источните земји.

    „Конечно, некои велат дека им оставаме на Русија, Турција, Кина да бидат главни играчи во овие земји. Но тие влијанија постојат и се развиваат и во земји кои преговараат, но и во држави-членки. Во краен случај, да кажеме ’ајде да се обидеме да помогнеме, да инвестираме, да им кажеме на нашите компании масовно да вложуваат, да се дадат пари за развој, за култура, за образование‘, тоа има смисла. Но да се отвора само бирократски процес е апсурдно“, вели Макрон.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари