АКО ФИЛИПЧЕ, ФРЧКОСКИ И ЖЕРНОВСКИ НАЈДАТ ЕДЕН МИГРАНТ ОД ДОГОВОРОТ СО БРИТАНИЈА, ТРАЈНО ЈА НАПУШТАМ ПОЛИТИКАТА, КАЖА МИЦКОСКИ

    АКО ФИЛИПЧЕ, ФРЧКОСКИ И ЖЕРНОВСКИ НАЈДАТ ЕДЕН МИГРАНТ ОД ДОГОВОРОТ СО БРИТАНИЈА, ТРАЈНО ЈА НАПУШТАМ ПОЛИТИКАТА, КАЖА МИЦКОСКИМицкоски вети дека ќе се повлече од политиката доколку тврдењата на СДСМ во врска со мигрантите се покажат како точни. (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на опозициската СДСМ за наводен таен договор со Велика Британија за прифаќање мигранти, нарекувајќи ги обид за дефокус и „лажна тема“, наменета за политичко преживување на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

    Одговарајќи на новинарско прашање на настан во Општина Аеродром, Мицкоски вети дека ќе се повлече од политиката доколку нивните тврдења се покажат како точни.

    „Оставам простор до пролет Венко Филипче, заедно со професорот Фрчкоски и со Андреј Жерновски, да бараат низ Македонија и да најдат мигрант кој што е дел од овој договор со Велика Британија или било каков договор. Ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно, тие да ми се извинат мене и на граѓаните што шират паника без потреба“, рече Мицкоски.

    Мицкоски додаде дека граѓаните не треба да се грижат, дека нема да има мигранти и дека буџетот е во одлична кондиција, споменувајќи економски параметри.

    „Македонија е зад Данска, која што има 3,9, заедно со Кипар со 3,8 проценти раст на БДП, инфлацијата е за 0,5 проценти помала на годишно ниво споредбено со минатата година“, рече Мицкоски.

    Претходно денеска, претседателот на СДСМ Венко Филипче одржа прес-конференција на која предупреди за „мигрантски план“ договорен зад грбот на јавноста. Филипче се повика на написи во британските медиуми, според кои Македонија би примала мигранти во замена за 20.000 фунти по лице.

    „Мицкоски вчера изговори дека додека тој има мандат нема да има шатори за мигрантите. Тоа значи дека во суштина нема да има шатори, но ќе има социјални станови. Се споменуваат и вработување, постојано домување, сместувања во згради, што значи дека тоа е само еден чекор до пасоши“, рече Филипче, обвинувајќи ја власта за трговија со иднината на државата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира