Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека е спремен за средба со лидерот на опозициската СДСМ, откако претседателот на партијата Венко Филипче денеска на прес-конференција предложи концепт за нов општествен и политички дијалог, и најави дека ќе побара средба со премиерот за да му го презентира овој концепт. Филипче рече дека по трагедијата во Кочани, граѓаните реагираат со револт и бес поради системските пропусти, за кои одговорност сносат сите политички партии.
„И порано сум рекол дека за вакви сериозни теми непристојно е да се раговара преку медиумите, туку се седнува на маса и се разговора. Доколку има план, како што најавија од СДСМ, подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ, да го обрзложи планот, бидејќи се сериозни времиња и се работи за сериозни прашања и најмалку од тоа треба да се прави естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне, стојам на располагање и во секое време ќе го распоредам мојот распоред, на полноќ или после полноќ, кога ќе каже, тогаш ќе го сослушам неговиот план и да видиме дали тој план нешто може да реши. Доколку планот опфаќа пристап каков што беше во минатото во време на короната, тогаш јас такви планови не можам да прифатам“, рече Мицкоски кој денеска во Штип ја разгледа новата фабрика на канадската компанија „Магна“ во ТИР зоната кај Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ