АКО МАШИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ПОТВРДИ ДЕКА ТАХОМЕТАРОТ Е ИСПРАВЕН, ВОЗАЧОТ НЕ ВОЗЕЛ ПОВЕЌЕ ОД 80 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС ПРЕД ДА СЕ ПРЕВРТИ АВТОБУСОТ КАЈ ЛАСКАРЦИ

    АКО МАШИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ПОТВРДИ ДЕКА ТАХОМЕТАРОТ Е ИСПРАВЕН, ВОЗАЧОТ НЕ ВОЗЕЛ ПОВЕЌЕ ОД 80 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС ПРЕД ДА СЕ ПРЕВРТИ АВТОБУСОТ КАЈ ЛАСКАРЦИВозачот е под стрес од несреќата и сѐ уште со блокирана меморија, па во меѓувреме обвинителството сослушува сведоци-патници, кои седеле во предниот дел на автобусот. - Од увидот на превртениот автобус на 14 февруари (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вештите лица од Машинскиот факултет ја испитуваат исправноста на секој дел на автобусот што се преврте кај селото Ласкарци, во која сообраќајка загинаа 15 патници и процесот уште трае. Но, она што е прочитано како податок веднаш по несреќата, од апаратот кој ја регистрира брзината на движење на автобусот (тахометар), е дека автобусот пред несреќата се движел со брзина околу 80, а не 130 километри на час, како што изјавија очевидци.

    Останува, велат во обвинителството, Машинскиот факултет да каже дали тахометарот во моментот на несреќата и сега, е исправен.

    Возачот е под стрес од несреќата и сѐ уште со блокирана меморија, па во меѓувреме обвинителството сослушува сведоци-патници, кои седеле во предниот дел на автобусот. Иако мобилниот телефон му бил веднаш одземен, за да нема манипулации, бришење на податоци и ресетирање, сепак МВР сѐ уште не доставило извештај до надлежниот обвинител. Ова вештачење треба да покаже дали возачот зборувал додека возел, бил на социјални мрежи или цврсто го држел воланот.

    На прашање до обвинителството што ако сопственикот на автобусот, автопревозникот „Дурмо турс“, кој сам си вршел техничка контрола на автобусите, поднесе извештај дека возилото било во целост кристално исправно, оттаму ни кажаа дека на маса се и законските одредби дали ист газда кој врши транспортни услуги, може да е надлежен и одговорен да ги контролира со сопствена станица за технички преглед.

    Во Скопското обвинителство, каде истрагата за големата несреќа ја водат двајца обвинители, напоменуваат дека наредбите до МВР и Машинскиот факултет се со назнаки „итно“ и оти им било нагласено и усно за сензитивноста на овој случај.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира