Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија е на истата позиција во однос на евроинтеграциите како пред 25 години, и покрај промената на името.
„Пред 8 години кога менувавме имиња и презимиња ни велеа дека сме ‘фронт ранери’. И кога ќе смениме име и презиме за 3-4 години сме во Европската Унија, тие 3-4 години изминаа пред 3-4 години. Кај сме ние денес? Онаму кај што бевме пред 25 години“, рече Мицкоски при увид на изградбата на спортска сала во ООУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.
Одговарајќи на новинарски прашања за извештајот на Европската комисија, Мицкоски рече дека ни прават булинг.
„Да го смениме Уставот најдобри ќе бидеме и уште ако може да не сме Македонци, да сме нешто друго, најдобри ќе бидеме, онака како што некој ни прави булинг и сака да ја стопира Македонија да напредува во Европската Унија“, рече премиерот.
Мицкоски зборуваше и за барањата за повисоки плати во судството.
„Ако јавноста мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите слободно да кажат“, рече тој, понудувајќи ја својата плата како донација. Тој ги повика „да судат и обвинуваат согласно закон, а не како што прават до сега“.
Мицкоски додаде дека „моралот не му дозволува“ да се согласи на зголемување на платите на луѓе кои „имаат никаков рејтинг“.
„Ако тоа е клучната реформа која треба да ја направиме, јас нема да ја направам и не можеме ние да одвоиме повеќе пари од буџетот за независно финансирање на обвинителство и судовите од најразвиените земји во Европската Унија“, истакна тој.
Според него, „реформите се за повисоки плати“, а не за суштински измени.
Тој најави и измени во Кривичниот законик кои би влегле во собраниска процедура до крајот на годинава.
„Тоа го правиме под притисок на одлуката на Уставниот Суд и тоа ќе го направиме до крајот на нова година да влезат во Парламент и да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци што се во затвор да излезат“, рече Мицкоски.



