Перцепцијата од придобивите од членството во ЕУ е сè уште голема, но Западен Балкан е најслаб дел од европскиот континент и затоа е важен јасен фокус и визија, рече вицепремиерот Александар Николоски на отворањето на Виенскиот економски форум. Тој рече дека се неопходно да се каже вистината и дека не може постојано да се даваат лажи ветувања за ЕУ.
„Ако треба да се запрашаме кој е најслабиот дел од европскиот континент, некои ќе речат Грузија, некои Молдавија, јас би рекол дека е Западен Балкан. И затоа сметам дека фокусот е многу важен – јасен фокус и јасна визија. Она што ме плаши, и ќе бидам искрен, е дека ќе се разбудиме во 2029 година, тука, ако нè поканите, и сè уште ќе зборуваме за проширувањето, дека ќе биде убаво и дека ќе се случи. Бидејќи ова не е првпат да сме тука, да има динамика. Она што е позитивно е што енергијата во регионот сè уште е висока, јавното мислење е во полза на приклучување на Европската Унија и другите сили сè уште не ѝ се конкуренција на ЕУ. Но прашање е дали тоа ќе биде засекогаш и затоа сметам дека треба да бидеме мудри и храбри, но и да зборуваме отворено и директно и да бидеме фер: ако нема проширување, тогаш да видиме што ќе се случува, ако е пакет, тогаш да дискутираме дали може да функционира или не. Подобро е на луѓето да им се каже вистината, отколку постојано да ги лажеме или да им даваме лажни ветувања или да подгреваат очекувања кои потоа нема да се остварат“, рече Николоски и додаде дека економската соработка е суштината на приоритетот во регионот.
Тој кажа дека голем број на луѓе го напуштаат регионот и спомна дека во Македонија на Локалните избори некои општини не добија градоначалник бидејќи не можат да дојдат до цензус од 33% излезност, оти најголем дел од луѓето се преселени во централна или западна Европа.
„Затоа мислам дека е важно да се фокусираме на економијата. Австрија игра огромна улога во регионот, многу австриски компании се присутни во регионот, работат добро, добредојдени се и мислам дека тоа е најдоброто што можеме да го направиме заедно – да носиме повеќе инвестиции, да имаме поголема размена, повеќе бизниси, што мислам дека потоа ќе придонесат кон други работи што ги споделуваме – демократија, просперитет, владеење на право и заедничка соработка меѓу нас“, рече Николоски.



